Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција

Управниот суд на Република Македонија, по оддржана јавна расправа на 22.09.2017 година, на 25.09.2017 донесе и објави  Решение со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во Матичната книга  на родени и да го поништи сегашниот матичен број.

По промената на податоци во матичната евиденција,  Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од 3(три) дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице.

Постапката за промена на полот во матичната евиденција на трансродово лице беше подржана во рамки на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“ спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници. Постапката пред Управниот суд ја водеше адвокат Жарко Хаџи Зафиров, како дел од тимот на адвокати на МЗМП.

Особен придонес кон успешноста на постапката имаше Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста – Субверзивен Фронт Скопје, долгогодишен соработник на МЗМП.

Користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи МЗМП продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права  преку создавање на позитивна пракса која води кон општествени промени.