ПРАВНА ПОМОШ
Остварувањето и заштитата на човековите права не може да се замисли без пристап до ефикасна и квалитетна правна помош. За жал, голем број лица немаат пристап до правна помош или пак тој пристап е значително отежнат поради сиромаштија, ниско ниво на образование, социјална исклученост или дискриминација. Неможноста да добијат правна помош преку која би ги оствариле своите права кои им припаѓаат согласно меѓународното и националното право ги затвора овие лица во магичен круг од кој не можат да излезат со што нивната ранливост, маргинализираност и висок социјален ризик само се зголемува.
Како организација основана од правници, Македонското здружение на млади правници, почитувајќи го едно од основното начело на правничката професија – никој поради сиромаштија да не остане без правна помош, е посветена на обезбедување квалитетна правна помош. МЗМП обезбедува правна помош на: сиромашни лица, лица жртви на повреди на човекови права и дискриминација, баратели на азил, бегалци, лица без државјанство и деца.
Правната помош вклучува обезбедување правни информации и правни совети, а таму каде е потребно и застапување во судски и управни постапки.
Правната помош МЗМП ја дава преку својот тим од 24 правници од кои 13 со положен правосуден испит, а во случаите каде е потребно застапување, МЗМП соработува со повеќе од 20 адвокати низ целата територија на државата.
Примарна правна помош
Македонското здружение на млади правници обезбедува бесплатна правна помош како дел од клучните активности на организацијата.
Решение за овластување за давање на претходна правна помош
Правната помош се обезбедува во поединечни случаи кои директно се поврзани со заштитата на човековите права, владеењето на правото и развојот на граѓанското општество.
Набљудувано поединечно, правната помош МЗМП ја обезбедува во следните случаи и облици:
• Претходна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош која е наменета за сиромашни и останати ранливи категории граѓани и вклучува само информирање, советување, насочување и помош при поднесувањето на барањата за бесплатна правна помош;
• Правно советување и стратешко застапување во случаи на повреди на уставно загарантираните човекови права и дискриминација;
• Правно советување и стратешко застапување во областа на азилот, миграциите, интеграцијата како и пристапот до лични документи и државјанство и
• Правна поддршка на граѓански организации и неформални иницијативи на граѓани кои не се во можност да обезбедат правна помош од друго место за прашања кои се однесуваат на: внатрешната организација, усогласеноста со законските одредби како и за потребите од спроведувањето на активности и иницијативи каде имаат потреба од правно знаење.
Стратешко застапување
МЗМП правната помош ја обезбедува пред сe за да овозможи остварување и заштита на право на лицето. Но покрај заштитата на индивидуалните права, МЗМП преку стратешко застапување има за цел да предизвика и поширока општествена промена особено кога се работи за одредени системски проблеми кои засегааат поголем број лица.
Со обезбедување правна помош во стратешки случаи, МЗМП се стреми кон воспоставување позитивна пракса за стекнување и заштита на човековите права, зајакнување на системот за азил или укажување на потребата од промена на одредени прописи или постапување.
МЗМП вложува напори за постојано зајакнување на капацитетите на своите вработени и соработници како и на внатрешните процедури и политики. Правната помош обезбедена од страна на организацијата подлежи на строг систем на контрола на квалитет и целосно почитување на општо прифатените принципи при давање на правна помош.
МЗМП во следниот период ќе работи на интегрирање на поединечните проекти и активности кои вклучуваат правна помош во една кохерентна програма за правна помош и стратешко застапување со цел да се зголеми ефикасноста на правната помош.
МЗМП со цел да осигура високо ниво на стручност и професионалност во обезбедувањето на правната помош вклучува голем број на адвокати од речиси сите региони во државата. Како посебно се издвојуваат следниве два тима на адвокати кои обезбедуваат правна помош во однос на прашања поврзани со азилот и миграциите:
• SLAG (Strategic Litigation Asylum Group) – Групата за стратешко застапување на предмети во областа на азилот е формирана со цел да идентификува и стратешки да застапува предмети во областа на азилот кои имаат потенцијал да ги променат системските практики кои ги повредуваат националните и меѓународните стандарди за заштита на бегалците. Групата се состои од искусни адвокати во областа на азилот кои застапуваат случаи пред националните судови и пред Европскиот суд за човекови права. Во 2017 година, групата е составена од 6 адвокати и едно адвокатско друштво.
• „Antenna Lawyers“ Network – Мрежата на „Антена адвокати“ ја сочинуваат пет адвокати од различни региони во Македонија (Гевгелија, Битола, Кавадарци, Струмица и Куманово) кои ги следат миграциските движења, пристапот до територија и примената на принципот на невраќање (non-refoulement) од страна на државата.
ИСТРАЖУВАЊА И ПОЛИТИКИ
Пишувањето и создавањето на анализи и истражувања во МЗМП, од трите програми, се развива како последна, но не е и помалку важна. МЗМП започнува да продуцира пишани документи малку подоцна од обезбедувањето на правна помош и правна едукација. Но, благодарејќи на другите две програми, МЗМП се здобива со многу релевантни податоци и статистики кои решава дека е најдобро да ги искористи за лобирање и застапување на интересите и целите за кои здружението всушност работи.
Она што сакавме е пред сè, гласот на нашите корисници да се чуе, а за нивните правни проблеми да се прочита и да се поттикне дебата кај релевантните институции. Па така, преку изготвување на правни мислења, истражувања и анализи на темите на кои здружението работи, МЗМП стана релевантен фактор во креирањето на јавното мислење во однос на теми како бесплатна правна помош, дискриминација, азил и миграции итн.
Денес, МЗМП е дел од многу работни групи за измени, дополнувања и носење на нови законски решенија, работни тела и национални комисии кои раководат со програми како трговија со луѓе, заштита на права на лица без државјанство итн., а бројот на пишани документи од 1 до 2, сега прерасна од околу 20 до 30 годишно.
Пред нас претстои воспоставување на конкретни правила за пишување и креирање на стандарди кои секој пишан документ од здружението кој треба да се објави ќе ги исполнува. Ова ќе придонесе кон објавување на уште поквалитетни анализи и истражувања, чии податоци ќе се користат во изнаоѓањето и креирањето на соодветни законски и подзаконски решенија за сите правни проблеми со кои нашите корисници се соочуваат.
Правни анализи
МЗМП врши правни анализи и истражувања користејќи повеќе различни извори и методи.
- Цели и области на правните анализи и истражувања
Правното истражување претставува процес кој правниците го користат при врешењето на својата работа без разлика дали подготвуваат одбрана за одреден предмет пред суд, подготвуваат правно мислење или договор, или пак застапуваат одреден став за менување на специфична јавна политика.
Области во кои здружението во кои здружението врши правни анализи и истражувања се следните:
– Пристап до правда / Правосудство
– Азил и миграции
– Бездржавјанство
– Анти-дискриминација
– Право на здрава животна средина
– Права на деца
– Правни професии
– Трговија со луѓе
– Останато
- Методи на истражување
За потребите на правните анализи кои МЗМП ги изработува во текот на работниот процес се користат повеќе различни извори и методи. При подготовката се користат примарни (закони и подзаконски акти, меѓународни документи, интервјуа итн.) и секундарни извори (веќе изготвени анализи, истражувања, правна литература итн.), а најчесто користени методи се следните:
– Описен метод: Описното истражување ја означува моменталната состојба на предметите. Но, овој метод не навлегува во откривање на причините за постоење на феноменот или ситуацијата која се истражува. Конкретното истражување ќе ја опише институционалната поставеност и надлежностите на различни нивоа на власт, како што е пропишано со закон. Описното истражување користи различни методи, вклучувајќи компаративни и корелациони методи
–Компаративен метод: Компаративниот метод се заснова на споредба на претходно идентификувани и објаснети системи на темата на која се прави истражувањето, во земјите од интерес, кои треба да послужат како добри практики. Најчесто се користи комбиниран пристап со поврзување на функционалниот и струкутралниот метод за правно компаративно истражување. Функционалниот метод како начин за спроведување на компаративна анализа гледа на „актуелниот социјален проблем и начинот на кој истиот е решен во различни јурисдикции на сличен односно различен начин, со слични или различни резултати“. Од друга страна пак, структуралниот метод обезбедува приказ на тоа како индивидуалните норми и закони се интегрирани во поширокиот систем.