„Со квалитетен ПВР до подобро законодавство во земјата“- нов проект на МЗМП

Македонското здружение на млади правници – МЗМП од јануари 2018 година започна со имплементација на проектот „Со квалитетен ПВР до подобро законодавство во земјата“.

Проектот има за цел зголемување на квалитетот на ПВР процесот преку детектирање на клучни проблеми на институциите во имплементацијата на ПВР процесот и нивно запознавање со важноста на ПВР во насока на квалитетна имплементација на законите и зголемување на видливоста на граѓанскиот сектор во реализирање на процесот на проценка на влијанието на регулативата.

Крајни корисници на проектот се граѓанските организации, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Владата и граѓаните. 

Во рамки на проектот е предвидена изработка на три анализи:

  1. Анализа на квалитетот на процесот на проценка на влијание на регулатива на законите донесени во 2017 година
  2. Анализа на процесот на проценка на влијание на регулатива на Законот за бесплатна правна помош
  3. Анализа на процесот на проценка на влијание на регулатива на закон од областа на заштита од дискриминација

Временската рамка за имплементација на проектот е од јануари 2018 до декември 2018 година, а истиот е поддржан од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и Центар за економски анализи (ЦЕА) во рамки на проектот „Проценка на влијание на регулативата во сенка: промовирање на креирање политики базирани на докази“ финансиран од Европската Унија.

Јавен повик за пополнување на пет (5) експертски позиции за изработка на прирачник

Македонското здружение на млади правници за потребите од спроведување на проектот ”Заштита на правата на децата во кривични и граѓански постапки” поддржан од страна на УНИЦЕФ Македонија, објавува јавен повик за пополнување на 5 експертски позиции за изработка на прирачник на темата опфатена со насловот на овој проект.

Јавен повик за пополнување на пет (5) експертски позиции за изработка на прирачник

1. Опис и цели на проектот
Проектот има за цел да ја подобри заштита на правата на децата во кривичните и граѓанските постапки преку зајакнување на капацитетите на судиите, јавните обвинители и адвокатите во следните области: 1) ОН Конвенција за правата на детето, 2) кривично правна заштита на децата жртви и/или сведоци на насилство, вклучително посебни процесни заштитни мерки, еднаквост на оружјата, надомест на штета, меѓу-секторска и мулти-институционална соработка, 3) психологија на деца и адолесценти, 4) социјална педагогија, 5) социјална работа со деца, 6) криминологија со фокус на виктимизација на деца, 7) постапување во случаи каде постоело психичко насилство, врсничко насилство и насилство сторено преку интернет.

Прирачникот кој ќе биде изработен од страна на ангажираните експерти ќе биде тестиран и предложен заедно со модулот со цел инкорпорирање на истите во програмата на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија.

2. Опис на предложените позиции
Еден (1) експерт во областа на кривично право
Еден (1) експерт во областа на социјална заштита
Еден (1) експерт во областа на педагогија
Еден (1) експерт во областа на психологија
Еден (1) експерт во областа на здравствена заштита

Работни задачи:
• Утврдување на темите во прирачникот прилагодени на тренинг модулот и методологијата изработени во рамките на проектот;
• Подготовка на текстови на утврдените теми прилагодени за судии, јавни обвинители и адвокати;
• Идентификување и анализа на релевантна литература за подготовка на прирачникот.

Број на работни денови: 8
Временска рамка 01.03 – 14.03.2018

Потребни квалификации:
-Завршено високо образование во областа на:
правото (експерт во областа на кривично право), социјална работа и политика или сродни науки (експерт во областа на социјална заштита), педагогија или сродни науки (експерт во областа на педагогија), психологија или сродни науки (експерт во областа на психологија), медицина (експерт во областа на здравствена заштита);
– Најмалку 5 години работно искуство за секој експерт во поединечните области;
– Напредни истражувачки и аналитички способности;
– Искуство во изработка и подготовка на прирачници, практикуми и друг вид литература како учебно помагало би било предност.

3. Постапка и правила за пријавување, рок и избор
Овој повик е јавен.
Секој кој што ги исполнува потребните квалификации може да се пријави на овој повик со поднесување на CV на следниов е-маил: contact@myla.org.mk со назнака за која позиција аплицира. Во прилог на CV-то, кандидатот треба да испрати примерок/линк од прирачниците, практикумите или другите учебни помагала кои експертот ги изготвил.

Рокот за аплицирање е понеделник 26.02.2017 до 16:30 часот.
Успешните кандидати ќе бидат информирани писмено за понатамошните активности.

Повикот можете да го преземете на следниот линк: javen_povik_za_popolnuvanje_na_5_ekspertski_pozicii

Коментари на предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите

Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човековите права на РМ, Институтот за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење и Центарот за правни истражувања и анализи заеднички подготвија коментари на предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Коментарите беа поставени во законскиот рок на Единсвтениот национален регистар на прописи на РМ (ЕНЕР). Коментарите можете да ги прегледате овдеКоментари на предлог закон за судови .

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕТО НА ПРАВОТО НА СЛОБОДНО ДВИЖЕЊЕ И ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ КОН ГРАЃАНИТЕ ОД РОМСКАТА ЕТНИЧКА ЗАЕДНИЦА

Постојаната  анкетна комисија за заштита  на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија ја одржа Втората седница со следниот дневен ред: Јавна расправа на тема: Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница.

Покрај членовите и замениците членови на Комисијата, на седницата беа поканети сите пратеници на Собранието на Република Македонија, претставници на Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, Министерството за правда на Република Македонија, Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на судската власт, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Македонското здружение на млади правници, КХАМ Делчево, УНДП, ОБСЕ, НДИ, Европската комисија, како и претставници на НВО секторот од оваа област.  

Јавната расправа со воведно обраќање ја отворија: Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител.

На темата свои излагања имаа: Зекир Абдулов од КХАМ Делчево,  Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На расправата дискутираа пратениците: Ферид Мухиќ и Мирсада Емини – Асани, како и претставниците на институциите и невладините организации: Сенада Сали од Европскиот центар за права на Ромите, Џелал Хоџиќ од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Аксел Ахмедовски од КХАМ Делчево, Џенифер Џеладин од Инститот за човекови права и Неда Чаловска Димовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Прекинување и осудување на  праксата на системска дискриминација врз основ на етничката припадност и расното профилирање на Ромите на граничните премини, независно од личните предрасуди и стереотипи на овластените службени лица. Притоа расното профилирање се разбира согласно Општата препорака бр.11 на Европската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа и значи „користење од страна на полицијата на основи како што се раса, боја на кожа, религија, националност или национално или етничко потекло при контрола, набљудување или истражни активности, без објективно и разумно оправдување”; 

2. Усогласување на националните политики кои се однесуваат на граничните контроли и миграциите со меѓународните стандарди, а посебно судската пракса на Европскиот суд за човекови права; 

3. Надградба на нормативата со цел уредување и дефинирање на основи кога може да се спречи излез од државата и соодветна постапка за донесување на образложена одлука во писмена форма во случај кога нема да биде дозволен излез од државата, во согласност со членот 27 став 3 од Уставот на РМ. Со ваква мерка ќе се обезбеди правна сигурност за граѓаните, предвидливост во примената на законите и гарантирање на правото на жалба против ваквата одлука; 

4. Обезбедување усогласеност на писмените правилници, протоколи и упатства кои го уредуваат работењето на припадниците на МВР и проценката на ризик со меѓународните стандарди кои забрануваат расно профилирање при вршењето на полициските должности;  

5. Обезбедување на ефикасна истрага во случаи на наводна расна дискриминација и расно-мотивирано противправно постапување на полицијата од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи како и јавното обвинителство; 

6. Создавање на законски предуслови за остварување на ефикасен пристап до правдата за жртвите на дискриминацијата преку добивање на бесплатна правна помош и системи за поддршка, од страна на државата; 

7. Собранието преку надлежните комисии и стручната служба активно да се вклучи во разгледување на прашањето на дискриминација на Ромите на граничните премини со организирање на надзорна расправа, формирање на Анкетна комисија и разгледување на прашањето пред Комитетот за односи меѓу заедниците; 

8. Да се измени Законот за полицијата во насока на обезбедување на задолжително носење на идентификација со име и презиме на секое овластено службено лице;

9. Обезбедување на законски услови со кои правото на азил нема да се ограничува арбитрерно од страна на државата и да се прејудицира од 3 страна на овластените службени лица дали некој би има статус на барател на азил или не; 

10. Од страна на Министерството за внатрешни работи преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди да се преземат активности за јакнење на капацитетите и компетентноста на службените лица за гранична контрола за принципот на недискриминација и расното профилирање преку едукативни содржини и работилници систематизирани во Акциски план; 

11. Министерството за внатрешни работи да спроведе истражувања за расното профилирање и да се мониторираат полициските активности со цел идентификување на практиките на расното профилирање, вклучително преку собирање на податоци разделени по дискриминаторски основи за релевантните полициски активности; 

12. Промена во јавниот дискурс креиран од повеќе национални медиуми кој создава искривена слика за Ромите како потенцијална опасност за укинување на безвизниот режим во државата. Во таа насока, Министерството за внатрешни работи да пристапи кон изработка и дистрибуција на информативни материјали за правата и обврските на лицата кои ги преминуваат граничните премини, документите потребни за излез, како и механизмите за заштита при повреда на правата од страна на овластените службени лица на граничните премини; 

13. Конечно, се препорачува сите надлежни органи и институции и сите други субјекти кои можат да придонесат во надминување на состојбата со расното профилирање на Ромите на граничните премини во државата да покажат иницијатива, посветеност и соработка во насока на реализација на овие препораки;

14. Да се зголеми познавањето на судиите во РМ за правниот систем на ЕУ, различните видови прописи на ЕУ, правното дејство на овие прописи во РМ и нивната применливост во процесот на пристапување на РМ кон ЕУ. 

Текстот е преземен од веб страната на Собранието на Република Македонија.

Извор: https://www.sobranie.mk/2016-2020-srm-ns_article-javna-rasprava-na-tema-prashanjeto-na-ogranicuvanje-na-pravoto-na-slobodno-dvizenje-i-diskriminacija.nspx

ИЧП, МЗМП и ЕПИ со нов проект- “Заедничка акција за итни реформи во судството”

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со носителот на проектот Институт за човекови права (ИЧП), започнаa со имплементација на проект “Заедничка акција за итни реформи во судството”, финансиран од Фондација Отворено Општество Македонија, со времетраење од 12 месеци (од јули 2017 до јуни 2018).

Цели кои се предвидени во рамките на проектот се: зајакнување на структурниот мониторинг над реализацијата на Итните реформски приоритети (ИРП) во правосудството и унапредување на јавната дебата за имплементирање на истите, подобрување на работата на иституциите со зајакнување на транспарентноста, отчетноста и професионалоста на правосудните органи со што на граѓаните и другите засегнати страни ќе им се олесни пристапот до независен, непристрасен и професионален суд.

Очекувани резултати на проектот:

  • Утврдување на моменталниот статус и идентификување на клучните проблеми со кои се соочуваат институциите при реализација на Итните реформски приоритети;
  • Воспоставен структурен мониторинг над реализација на Итните реформски приоритети во правосудството;
  • Зајакната соработка помеѓу граѓанските организации и правосудните органи со цел реализирање на Итните реформски приоритети;
  • Зголемена свест на општата јавност за потребите за спроведување на Итните реформски приоритети во правосудството.