ОБЛАСТИ НА ДЕЛУВАЊЕ
Пристап до правда
Човековите права претставуваат основни права и слободи кои му припаѓаат на секое лице во светот, подеднакво, од раѓањето па сè до смртта. Тие се гарантираат, без разлика на тоа од каде едно лице доаѓа, во што верува или како избира да го живее својот живот. Тие никогаш не можат да бидат одземени, а се темелат на заеднички вредности како достоинство, непристрасност, правичност, еднаквост, почит и независност.
Овие права се гарантирани со многубројни национални и меѓународни инструменти. Основните права и слободи, како и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Како највисок правен акт на државата, Уставот дефинира листа на слободи и права, а со ратификуваните меѓународни договори како дел од внатрешниот правен поредок, се дава можноста за вклучување на дополнителни слободи и права кои не се предвидени во Уставот.
Заштитата на слободите и правата се остварува преку гаранциите на основните слободи и права. Основна гаранција која ја предвидува Уставот е можноста за заштита пред судовите и Уставниот суд на РМ во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Останатите гаранции за заштитата на човековите права кои Уставот ги предвидува, вклучуваат и судска заштита на законитоста на поединечните акти и активно запознавање на граѓаните со истите. Покрај овие гаранции, заштитата се остварува по пат на почитување на принципот на владеење на правото (уставност, законитост, јавно објавување на законите, vacatio legis период, забрана за ретроактивно дејство на прописите, како и независна и самостојна адвокатура). Ограничувањето на слободите и правата e единствено дозволено во случаи утврдени со Уставот или за време на воена и вонредна состојба, но и во овој случај само на начин утврден со Уставот.
Покрај заштитата пред судовите, Уставот го воспоставува и Народниот правобранител на РМ како посебен орган кој ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации кои имаат јавни овластувања. Согласно Глава 2 од Уставот на РМ воспоставувена е Постојана анкетна комисија во рамки на Собранието на РМ која има за цел да ги штити слободите и правата на граѓаните.
Азил и миграции
Македонското здружение на млади правници од 2010 година е партнер на Високиот Комесаријат за бегалци при ОН за обезбедување на правна помош на лица под мандат на УНХЦР во Република Северна Македонија. МЗМП преку партнерства и со многубројни други меѓународни организации има спорoведено голем ден на проекти во оваа област.
Доколку имате потреба од правна помош за постапката за азил во Северна Македонија, контактирајте не на:
(SMS, Viber, WhatsApp) +389 78 359 298 – МЗМП Скопје
(SMS, Viber, WhatsApp) +389 71 997 504 – МЗМП Гевгелија
(SMS, Viber, WhatsApp) +389 71 997 508 – МЗМП Табановце
Линија за помош на Канцеларијата на Високиот Комесар за бегалци при ОН (УНХЦР) Северна Македонија
(SMS, Viber, WhatsApp): +389 70 229 001- UNHCR Helpline
Северна Македонија е домаќин на бегалци уште од своето осамостојување во 1991 година, со пристигнувањето на бегалци од Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватска. Значителен прилив од поголеми размери имаше во 1999 година како резултат на конфликтот на Косово, кога привремена хуманитарна заштита им беше доделена на 400.000 бегалци од регионот, од кои 360.000 беа од Косово. Во моментов во нашата држава има околу 250 бегалци од косовската криза кои веќе 20 години немаат трајно решение за нивниот правен статус.
Во 2015 и 2016 година Северна Македонија и државите од регионот се соочија со масовен прилив на бегалци кои поминуваа низ така наречената „Балканска рута“. Во 2016 година се затворија границите и на Северната и Јужната граница се воспостави кризна состојба која трае до ден денешен. Бегалците и мигрантите продолжија да транзитираат, а дел од нив решија да побараат меѓународна заштита.
Нашите активности
Бесплатна правна помош за баратели на азил и бегалци при поднесување барање за признавање на право на азил и во сите фази од постапката до добивање на конечна одлука. МЗМП е присутна во Прифатно-транзитните центри Табановце и Винојуг, Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово и теренската канцеларија на МЗМП во Шуто Оризари која е отворена секој работен ден од 08:30 до 16:30. Повеќе за нашите локации на следниов линк. Тимот за азил и миграции е составен од 5 правници кои застапуваат во првостепената постапка, 2 теренски правници, преведувач од арапски јазик и преведувач од Фарси, како и од секој друг јазик по потреба и, адвокати кои ги водат случаите пред судовите.
Стратешко застапување од областа на азилот и миграциите. МЗМП активно се залага за промена на законски одредби и одредени практики кои ги прекршуваат основните права и човековите слободи во постапките за азил. За таа цел МЗМП заедно со тим на адвокати води стратешко застапување на предмети кои се подобни да создадат промена и да го подобрат системот за азил во Северна Македонија пред органите и судовите во земјава, како и пред Европскиот суд за човекови права и други меѓународни инструменти.
Истражувања и политики од областа на азил и миграции. МЗМП работи на истражувања и има издадено повеќе од 60 публикации на темата азил и миграции и иситите се достапни на следниов линк. Дополнително МЗМП учествува и дава свој придонес во изработка на закони и подзаконски акти од областа на азилот и миграциите. Листата на закони и подзаконски акти каде МЗМП има дадено свој придонес може да ја видите тука.
Правни тренинзи од областа азил и миграции кои се наменети зa државни институции, правосудни органи, локални самоуправи, НВО и адвокати и правници. Ова се дел од темите: Постапка за азил во Република Северна Македонија, Ефикасен систем за азил и миграции, Бесплатна правна помош на баратели на азил, Интеграција на бегалци и постапката за државјанство, Техники на интервјуирање, Постапување со ранливи категории на бегалци и мигранти, Постапка за ограничување на слобода на движење на баратели на азил и мигранти и правни лекови, Стратешко застапување пред ЕСЧП на предмети од областа на азилот и миграциите, Начин на сензитивно репортирање на бегалски стории, Симулација на судење од областа на азилот.
Регионална и меѓународна соработка
МЗМП е основач и член на
Балканскиот совет за бегалци и миграции (БРМЦ) е коалиција на пет граѓански организации на општеството од Босна и Херцеговина, Македонија, Косово и Србија.Членовите на коалицијата се истакнати граѓански организации со специфични надлежности демонстрирани преку долгогодишна работа во областа на азилот и миграциската политика и на национално и регионално ниво.
Од 2012 година МЗМП е дел од
Од 2017 година МЗМП е дел од
Поважни достигнувања:
- Добиена пресуда од ЕСЧП каде се утврдува повреда на право на бегалец
- Усвоена времена мерка од ЕСЧП за повреда на право на бегалец-задржано лице
- МЗМ Интервенција како заинтересирана страна во случај пред ЕСЧП
- П има формирано група на адвокати за стратешко застапување на предмети во областа на азилот (SLAG)
- МЗМП има формирано група на адвокати кои ги следат миграциските движења, пристапот до територија и принципот на невраќање (non-refoulment) од страна на државата (Antenna Lawyers)
- Поддршка на системот за азил и регистрација на случаи во последните неколку години, вклучувајќи ја и кризата со бегалци/мигранти почнувајќи од 2015 година
Трговија со луѓе
Tрговијата со луѓе е сериозен облик на кршење на човековите права и слободи и таа најмногу ги погодува најранливите категории. МЗМП посветено работи на идентификација и правна заштита на жртвите со целосно почитувањето на човековите права.
Нашите активности:
Со Решение на Министерството за труд и социјална политика од Март 2018 година Македонското здружение на млади правници е дел од 4 мобилни тимови за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе во Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово.
Во составот на мобилните тимови се вклучени претставници на Центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи-националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани.
Oд март 2018 година до декември 2019 година во рамки на Мобилните тимови за борба против трговија со луѓе, МЗМП даде правна помош и советување на 6 жртви на трговија со луѓе, 127 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 537 ранливи категории на граѓани.
Дополнително МЗМП посветено работи на превенција и подигнивање на свеста за трговијата со луѓе во Северна Македонија. Во рамки на нашите активности спаѓаат и инфо сесии и настани поврзани со трговијата со луѓе, како и конференции на оваа тема. Досега се изработени специфични кампањи наменети за: проблемот на трговијата со луѓе, cybertrafficking кај деца, сезонска работа, трговија со луѓе кај деца со попречености итн. Погледнете ги кампањите на следниот линк.
Повеќе за трговијата со луѓе може да добиете на веб сајтот на МЗМП наменет за подигнување на јавната свест на КАЖИ СТОП!
ПРИЈАВИ ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ
Права на децата
Македонското здружение на млади правници работи на подобрување на системот за заштита на правата на децата. И покрај напорите на државата да ги регулира и да се залага за доследно почитување и остварување на правата на децата, постојат прекршувања кои значително ги засегаат правата на децата; непочитување на најдобриот интерес на детето, како и недоволна заштита од прекршувања во семејството, градинките, образовните институции и установите за згрижување деца.
Нашите активности:
Бесплатна правна помош за деца
Заштитата на правата на децата може да се спроведе со поведување две постапки: граѓанска и кривична постапка. Во соработка со СОС Детско Село (СОС Детско село) формиравме служба за заштита на жртви на насилни кривични дела насочени кон деца, стари лица, жени и лица со попреченост. Службата за заштита на жртви на насилни кривични дела обезбедува услуги за правна, психолошка и социјална поддршка на жртвите на насилни кривични дела.
Истражување и политики
МЗМП ги идентификува клучните проблеми и предизвици поврзани со системот за социјална заштита преку анализи и доставени коментари за предложените законски измени за создавање поефективна легислатива која ќе ги штити правата на децата. Препознавајќи ги добрите практики на другите земји, даваме препораки за подобрување на законодавната рамка во оваа област. Како дел од работните групи во Собранието на Република Северна Македонија за изменување и дополнување на постојната законска регулатива со која се подобрува положбата и заштитата и се постигнува поефикасна и сеопфатна заштита на правата и интересите на децата, МЗМП придонесува со доставување коментари за предложената легислатива. Списокот на примарни и подзаконски акти каде МЗМП има дадено придонес може да се пристапи овде.
Правна едукација
Гледано низ призмата на лицата кои имаат улога во обезбедувањето заштита и зачувување на остварувањето на правата на децата во оние ситуации каде што се прекршени нивните права, МЗМП има развиено наставна програма за обука за неопходните мерки и вештини поврзани со интервјуирање на деца жртви и/ или сведоци во кривична и граѓанска постапка, која е одобрена и вградена во наставната програма на Академијата за судии и јавни обвинители.
Право на животната средина
МЗМП го следи развојот на правната смисла и наука на глобално ниво и своите активности ги насочува согласно потребите на општеството. Активностите на човекот придонесуваат за несакани ефекти и штети по животната средина. Имајќи ги предвид состојбата и проблемите во врска со животната средина, со кои се соочуваме во нашата држава, неопходна е правна заштита на животната средина, која истовремено би значела и правна заштита на основните човекови права, а тоа се пред се правото на живот и правото на приватност на личниот и семејниот живот и неповредливост на домот.
Нашите активности:
Стратешко застапување- поддржување и водење правни постапки чија цел е системска промена или промена на негативните состојби во општеството
Истражувања- изготвување истражувања, анализи, правни мислења за состојбата и недостатоците во однос на заштитата на животната средина и давање соодветни препораки за нивно надминување
Поважни достигнувања:
- Во Март 2020 година Македонското здружение на млади правници заедно со МАНУ (Македонската Академија на науките и уметностите) и ЦПИА организираа Расправа на тема „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на животна средина“
- Во јули 2019 година, МЗМП поднесе тужба пред Граѓанскиот суд, со која бара судот да утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје во периодот од 2007 до 2018 година, не презеле ефикасни мерки за намалување на концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ10 честичките во воздухот и како резултат на тоа ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот и семејниот живот и правото на неповредливоста на домот.
- Во октомври/ноември 2019 година, МЗМП поднесе кривична пријава против носители на јавни функции поради пропуштање, односно неизвршување на дејствија за заштита на животната средина, кои според македонските закони, биле должни да ги спроведат
- Изготвено правно мислење за правната регулираност на емисиите на штетни материи во воздухот
- Воспоставена соработка со Client Earth
- МЗМП стана дел од Архус центарот во Македонија и во идниот период активно ќе обезбедува правна помош за прашања поврзани со животната средина
Анти-дискриминација
Дискриминација претставува секое постапување што предизвикува нееднаков третман, кое не е легитимно и пропорционално основано, на начин што одредено лице или пак одредена група се исклучува, ограничува или пак се дава предност во уживање на основните права и слободни засновани врз одредени лични обележја (дискриминаторски основи).
Македонското здружение на млади правници во областа на заштита од дискриминација активно работи од 2009 година. Првично, со изготвување извештај за потребата од донесување на Законот за заштита од дискриминација, а по донесување на истиот обезбедување на правна помош и градење на позитивна пракса заснована на стратешко застапување на потенцијалните жртви од дискриминација пред надлежните судски органи и активности за подигнување на јавната свест. Во 2014 година Македонското здружение на млади правници ја доби првата судска одлука во државата која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Истата година МЗМП ја доби и втората пресуда во државата со која се утврдува дискриминација а која е прва од областа на работните односи.
Нашите активности
Бесплатна правна помош
МЗМП нуди бесплатна правна помош и застапување на жртви на дискриминација пред надлежните институции, судови и меѓународни тела. Со помош на здружението се поведоа повеќе од 70 постапки. Оваа активност придонесува да се воспостави пракса во институциите и судовите за заштита на повреда на правата настанати како последица на дискриминација. МЗМП преку стратешкото застапување ги охрабрува и им помага на граѓаните да пријават дискриминација и преземат мерки до надлежните домашни и меѓународни институции и судски органи за заштита од дискриминација. Постапките се однесуваат на дискриминација во различни области и по различни основи согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, други закони и Европската конвенција за заштита на човековите права.
Истражувања и политики
МЗМП активно работи на истражување за правната заштита од дискриминација во Република Северна Македонија со прибирање на информации од институциите за тоа како се применуваат законските решенија и механизмите за заштита од дискриминација кои им се на располагање на граѓаните, односно жртвите на дискриминација. Здружението изготвува различни анализи на проблемите со посочување на начини на решавање на истите и студии на случаи на предмети за заштита од дискриминација.
Aнализите и правните мислења од областа на заштита од дискриминација се достапни на следниов линк.
Правни тренинзи
МЗМП, постојано одржува обуки од областа на заштита од дискриминацијата за правници и практичари во Република Северна Македонија ставајќи посебен акцент на меѓународните трендови и Европската конвенција за човековите права. Во изминатите години одржавме обуки за голем број на адвокати и млади правници. МЗМП во соработка со Македонски полициски синдикат одржа и низа обука на членовите на синдикатот а се со цел зголемување на сензитивноста меѓу полициските службеници за прашањата кои се однесуваат на еднаквоста како основно право.
Позначајни пресуди:
28.05.2014 година
Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост. Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од Уставот на Република Македонија.
07.08.2014 година
Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од МЗМП, ја донесе и втората пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, прва од областа на работните односи. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост и дискриминација по основ на виктимизација, во однос на остварување на правата од работен однос поради неисплаќање на плата и уплата на придонеси.
25.03.2015 година
Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на интелектуална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со интелектуална и телесна попреченост.
07.07.2016 година
Управниот суд Скопје донесе Пресуда со која се уважува тужбата на тужителот и се поништува Решение на Министерството за правда, кој како второстепен орган го потврдил решението на Управата за водење на матичните книги и го одбил тужителот за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.
27.02.2018 година
Основниот суд Скопје II Скопје, донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи. Оваа пресуда е прва со која се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност во работните односи.
15.05.2018 година
Основниот суд Скопје II Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Општина како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работата и работните односи. Со пресудата се забранува преземање на понатамошни дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација.
02.11.2018 година
Апелациониот суд Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува повреда на правото на тужителката на еднаква можност и третман со вршење на дискриминација по основ на родителство – бременост. Апелациониот суд Скопје, ја потврди Пресудата на Основниот суд Куманово, со која се утврдува дека тужените го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и третман, односно извршиле дискриминација по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно родителство – бременост.
13.12.2019 година
Апелациониот суд Битола донесе пресуда со која утврди дека Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација Прилеп извршиле дискриминација спрема тужителите, со тоа што не им овозможиле пристап до чиста и здрава вода за пиење. Според Судот, тужените, Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација, не успеале да докажат дека не извршиле дискриминација, и поради тоа ја усвоил тужбата. Со ова Судот непосредно и правилно го применил правилото според кое товарот на докажување дали постои или не дискриминација е на страната на тужените, не на тужителите.
Бездржавјанство
Од 2011 како партнер на Високиот комесаријат за бегалци при ОН (УНХЦР), Македонското здружение на млади правници обезбедува бесплатна правна помош и правна поддршка за лицата без регистриран граѓански статус и лицата во ризик од бездржавјанство во Република Северна Македонија. МЗМП преку партнерства и со многубројни други меѓународни организации има спроведено голем дел на проекти во оваа област.
Решавање на статусот на лицата неевидентирани во матична книга на родени- повеќе информации на следниов линк
БЕЗДРЖАВЈАНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА
На 01 Ноември 2018 заврши јавниот повик на Министерството за труд и социјална политика и Управата за водење на матични книги со кој се идентификуваа 700 лица кои не поседуваат лични документи.
Од моментот на идентификување се поминати:
Добиени изводи од посебна матична книга: 318 лица
Добиени посебни идентификациски исправи: 115 лица
Конечно решени случаи: 0
Лицата кои имаат документи од посебна матична книга и посебна идентификациска исправа сеуште немаат пристап до основните права утврдени со Законот за неевидентирани лица во Матична книга на родени.
Бездржавјанството и недостатокот на регистриран граѓански статус и лични документи претставува сериозен проблем во уживањето на основните социјални и економски права за голем број на лица кои живеат во Македонија. За повеќето од овие лица, сиромаштијата, маргинализацијата и дискриминацијата се „стандарден“ дел од секојдневниот живот. Најзасегнати се децата без државјанство кои растат сметајќи дека основните права се луксуз кој го добиваат повеќето деца, но не и тие. Повеќе за бездржавјанството во Македонија на следниот линк
Нашите активности
МЗМП обезбедува правна помош за лица без државјанство и лица изложени на ризик да останат без државјанство, со фокус на лица кои немаат запишано раѓање и лично име пред Управата за водење на матични книги при Министерството за правда. МЗМП активно соработува со Одделението за странци и реадмисија и Одделението за државјанство за сите прашања поврзани со толкувањето на релевантните одредби од Законот за странците и Законот за државјанство. Во оваа област се изработени повеќе од 12 анализи и извештаи кои се достапни на следниот линк. МЗМП активно учествува во изработка и придонесува кон подобрување на законската регулатива во оваа област, како и на годишно ниво одржува конференции, обуки, работилници и тркалезни маси.
Канцеларијата на МЗМП во Шуто Оризари (+389 2 2655 844) е отворена секој работен ден од 08:30 до 16:30 на следната локација.
Регионална соработка
Од 2011 година МЗМП е дел од регионалната мрежа WeBLAN, чии активности вклучуваат помош во процедурите за граѓанска регистрација и обезбедување на документација во регионот, соработка за разни случаи и прашања поврзани со прекугранична соработка, размена на информации за правните и административните рамки и процедурите во земјите од регионот во однос на граѓанската регистрација, заедничко лобирање и давање препораки на земјите од регионот за спречување на државјанство и пристап до основните права, споделување на најдобри практики и барање решенија за утврдени проблеми, промоција на WeBLAN меѓу соодветните локални, национални, регионални и меѓународни институции.
МЗМП е дел и од иницијативата на European Network on Statelssness каде што секоја година се обновуваат податоците за состојбата со бездржавјанството во цела Европа:
Поважни достигнувања:
- Обезбедена правна помош на 4000 лица
- Решени над 400 предмети
- Учество во глобалната I BELONG кампања кое може да ги погледнете на https://youtu.be/6Poky2_4QIc и https://youtu.be/8TR9TS1QjBA