Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

СЕ Е СОГЛАСНО УСТАВ И ЗАКОН!

„Уште како дете имав здравствени проблеми, тешко се движев и имав болки. Ми правеа повеќе операции. Едната нога ми е покуса за 10 сантиметри и не ми е лесен секојдневниот живот. Како станував повозрасен состојбата не се подобруваше, напротив, се потешко ми стануваше. Сега многу тешко се движам. Постојано имам болки и не можам ни садови на раат да измијам…

Комисијата ми кажа дека сум неспособен за работа. Немам работа, живеам сам во социјален стан, а единствени приходи ми се 6000 денари од социјално. Што попрво да платам, дали јадење, сметки, дали лековите кои морам да ги купувам… пред неколку месеци дури и ми го намалија социјалното и сега ми даваат по 4000 денари. Среќа е што Водовод ме ослободуваат од плаќање сметки за вода зошто сум социјален случај. На доктор ми кажаа да поднесам документи за туѓа нега, цело време тоа ми го пишуваат во извештаите. Од болница еднаш ми дадоа и конзилијарно мислење каде докторите кажале дека ми треба туѓа нега. Матичната лекарка ми пополни еден документ и со него во 2017 година поднесов барање во социјално за туѓа нега. Очекував дека без проблем ќе ми одобрат туѓа нега, ама стигна решение „вашето барање е одбиено“. Се жалев во министерство, ама и  таму ме одбија. Решив дека ќе одам до крај и поднесов тужба до Управниот суд.

Судот донесе пресуда во моја корист и кажа дека постапката не била спроведена како што треба. Комисијата кога носела наод и мислење со кој ме одбила за туѓа нега, не го земала предвид претходното мислење каде докторите рекле дека ми треба туѓа нега. Се врати целата постапка пак во социјално, но ме одбија и по втор пат. Повторно ја поминав истата постапка, но не еднаш туку вкупно 4 пати и еве сега пак сум на суд по петти пат! Зошто ако Управен суд вели дека сум во право, упорно ме одбиваат? Речиси 7 години одам од институција до институција, се жалев, барав да се применат пресудите, ама постапката уште тече.


Зарем мојава дијагноза не е доволна за да ми дадат туѓа нега? Зарем тоа што едната нога ми е покуса, од што имам проблеми со колкот, што веќе имам и дископатија и болки во ‘рбетот не се доволни причини за некој да види дека ми треба помош од друго лице за да ги задоволам основните потреби, некој да ми помогне садови да измијам? Зарем тие пари за туѓа нега се толкав голем товар за буџетот на државава? Како со 6000 денари, сега веќе 4000 денари месечно да можам да живеам? Да биде потрагично, болеста прогресира и лани во ноември ми препишаа инвалидска количка, но ниту тоа не е доволно за да видат институциите дека имам потреба од туѓа нега! Се жалев во инспекторатите, да проверат зошто и како и покрај 4 пресуди од Управен суд уште цело време се вртиме во круг. Нели треба администрацијата да биде сервис на граѓаните, нели треба постапките да бидат ефикасни, да се почитува законот? Последната пресуда од Управен суд ја добив лани во декември 2022 година и чекав решение од социјално до август 2023 година, а има рокови за се. Инспекторатот ми кажа дека документите ми се пратени во Неврологија, според нив немало никакви грешки. Па јас и до сега знаев дека документите ми се пратени во Неврологија, но поминаа 8 месеци од последната пресуда и потоа ништо. Зошто нема грешки, како нема грешки кога и самиот суд увидел дека има грешки, а и самиот суд во 3 од тие 4 пресуди наведува „управните органи не постапиле по насоките на судот од претходните пресуди“?


Испаѓа дека дури и судот е немоќен во нашата држава, испаѓа дека судот дава насоки, после самиот констатира дека институциите не ги почитувале неговите насоки, а инспекторатот не гледа проблем во целата работа. Барав и министерството да направи инспекција над социјално, ама од таму ми одговорија дека не можеле да направат надзор зошто постапката уште не била правосилно завршена. Па зарем треба да се чека и после 6 години правосилно да заврши постапката за да каже некој „чекајте малце, зошто не се спроведувале пресудите на судот, зошто никој не го зема предвид наодот и мислењето од 2017 година кога докторите рекле дека човеков треба да добива туѓа нега?“. Државата ми одобри бесплатен адвокат и поднесовме барање во Врховен суд кој одлучи дека ми е повредено правото за судење во разумен рок и му даде на Министерството рок од 1 месец да постапи по последната пресуда на Управниот суд и да одлучи за моето барање за туѓа нега, ама ни тоа не донесе никаков позитивен исход, еве повторно чекам, сега веќе петта пресуда од Управниот суд.

***

Вака изгледа животната приказна на еден граѓанин кој ја искусува неефикасноста на системот. Уставот и законите утврдуваат права на граѓаните, но нивното практикување е возможно само доколку институциите ја остваруваат улогата поради која се основани. Клучна улога во целиот тој сложен систем на различни институции имаат инспекторатите.

Улогата и смислата на постоењето на инспекциските служби опфаќа надзор:

  • дали законите се спроведуваат на начин како што се напишани и дали ја постигнуваат целта поради кои се донесени,
  • дали и кој е проблемот при постапувањето на другите институции,
  • укажување на неправилности,
  • казнување доколку неправилностите се повторуваат.

Оттука јасно може да се заклучи дека инспекциските служби имаат огромна улога во остварување на принципот на владеење на правото, сервисната ориентација на институциите кон граѓаните, но и ефикасно остварување на правата на граѓаните утврдени со Уставот и/или законите.

Заради тоа и Законот за управната инспекција вели дека Државниот управен инспекторат е надлежен да провери:

  • [дали се постапува] навремено, економично и ефикасно [при] остварување на правата и интересите на граѓаните и другите учесници во управната постапка во решавањето на управните работи;
  • [дали се] постапува во пропишаните рокови во првостепената и второстепената управна постапка, како и во роковите определени со акти на судските органи;
  • [како се спроведува] извршувањето на правосилните управни акти;
  • начинот на однесувањето и работењето на административните службеници и вработените, со цел да се обезбеди почитување на принципите на законитост, професионален интегритет, ефикасност, одговорност и лојалност при вршењето на нивните службени должности.

Простото констатирање во која фаза е постапката на граѓанинот, без притоа да се навлезе во суштината на предметот и без притоа да се увиди зошто има одложување, зошто не се почитуваат роковите, зошто не се спроведуваат насоките од пресудите, е начин како НЕ треба да постапуваат инспекторите.

Спротивно на општиот општествен наратив „законот е проблем“, во ваквите предмети проблемот е спроведувањето на законот токму од институциите кои треба да се грижат другите институции истиот тој закон да го спроведуваат правилно!

Штетата од несоодветен инспекциски надзор е многукратна! Граѓаните не можат ефикасно да си ги остварат правата, а кои ги воспоставува закон, институциите не добиваат укажување дека прават нешто погрешно и нивното неправилно постапување станува нормален и вообичаен начин на работа, а довербата во институциите и понатаму опаѓа!

„Владеењето на правото, правната држава, секој ќе си одговара за грешките“ не смејат да бидат само празни флоскули кои практично не значат ништо, особено во случаи како овие!

Инспекторатите имаат надлежност, моќ, начини и инструменти како да ги заштитат граѓаните, па нека почнат од ваквите, навидум обични и незначајни, ама исклучително битни случаи за граѓаните кои се наоѓаат во социјална и финансиска неволја!

Бојан Трпевски

Правник во Македонско здружение на млади правници

„СЕ Е СОГЛАСНО УСТАВ И ЗАКОН!” e вториот од низа на авторски текстови кои вработените во МЗМП ќе ги споделат со јавноста во наредниот период. Во овој текст, сведоштвото е реално и втемелено на многубројните проблеми со кои се соочуваат граѓаните кои се обраќаат за бесплатна правна во здружението.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.