Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Нова судска одлука за лекување од слобода и реинтегрирање наместо континуирано задржување во психијатриска установа поради ментална болест

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Кривичниот совет број КС-КР бр. 995/22 при Основниот Кривичен суд изготвена и доставена до странките во декември 2022 година, а по завршената јавна седница одржана во ноември 2022, со која се уважува предлогот на ЈЗУ Психијатриска болница Скопје-Скопје за замена на мерката-Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа со мерката-Задолжително психијатриско лекување на слобода спрема Ј.К на возраст од 36 години.

Оваа одлука е од големо значење, бидејќи по првата ваква одлука донесена од страна на Советот во 2021 година веќе се воспоставува пракса на одлучување во која се дава предност на слободата и заштитата на поединечниот интерес на лицето наместо на лишувањето од слобода, без разлика на попреченоста. Со ваквите одлуки праксата на одлучување е веќе подигната на едно повисоко ниво во согласност со одлуките на Европскиот суд за човековите права во кои се дава примат на слободата на поединецот во смисла на побрзо и поефикасно ресоцијализирање на лицата во средината, притоа истовремено имајќи го во предвид и јавниот интерес.

Следува краток опис за предметот.

Лицето Ј.К бил задржан на лекување во здравствена установа со изречена мерка за безбедност-Задолжително психијатриско лекување и чување определена да се извршува во психијатриска болница Скопје од 01.06.2021 година. Било утврдено дека лицето боледува од персистентно налудничаво настројство за кое примал лекарства и притоа се наведува дека станува збор за лице кај кое краток период пред да го изврши делото било отпочнато психијатриско лекување. Истиот за време на лекувањето не покажувал отпор, туку напротив уредно ја примал назначената психијатриска терапија. Лицето уште од почетокот покажало почитување на куќниот ред и дисциплина во установата, и кон останатите пациенти и персоналот за што по 9 месеци од почетокот на болничкото лекување му биле дозволени посети во домот каде престојувал по 3 дена непречено за време на верските празници. Истиот добивал грижа од сопругата, мајката и неговата стрина која му била многу блиска.

По одржување на јавна расправа по предметот, судот утврдил дека задржувањето на лицето во здравствена установа не е оправдано и дека целта може да се постигне со примена на помалку тешка мерка- Задолжително психијатриско лекување на слобода.

Во пресудата е наведено дека судот особено ги имал во предвид невропсихијатриското вештачење и мислењето на докторите од психијатриската установа за лицето, каде е наведено дека е постигнато редуцирање на психопатолошките содржини и досегашниот позитивен третман дозволува да се констатира дека мерката може да биде заменета со мерка задолжително лекување на слобода во амбулантски услови. Исто така судот ја има во предвид и поддршката која ја добивало лицето од неговото семејство, како и тоа дека од изведените докази нема индиции дека тој се однесувал агресивно и дека би претставувал ризик за околината доколку лекувањето би се спроведувало на слобода. Судот наведува дека ја имал во предвид и установената пракса на Европскиот суд за човекови права, особено предметот Трајче Стојановски против Македонија[1]. Судот смета дека континуираното држење на лице во здравствена установа треба да биде пропорционално на неговата душевна состојба, така што при оценката дали болеста е од таков вид и степен кој бара задолжително задржување и лекување во установа, при што барањето за континуиран психијатриски надзор самиот по себе не е оправдување за континуирано задржување.

Потсетуваме дека во 2021 година, МЗМП за сличен предмет во кој по предлог на психијатриската установа, не беше дозволено лекување на слобода, поднесе и апликација до ЕСЧП за повреда на член 5 од ЕКЧП. Наводите беа дека судот го повредил член 527 став 1 од К3, според кој:,, По службена должност или по предлог од здравствената установа или од органот за старателство, а по испитување на јавниот обвинител, судот што во прв степен изрекол мерка на безбедност задолжително психијатрископекување и чување во здравствена установа ќе ја запре оваа мерка и ќе определи отпуштање на сторителот од здравствената установа, ако врз основа на мислењето на лекарот  утврди дека престанапа потребата од лекување и чување на сторителот во таа установа, а може да определи негово задолжително психијатриско пекување на слобода.,,

По поднесената апликација, Судот во Стразбур достави известување во кое се наведува дека предметот ќе биде приоритетно разгледан. Истото беше доставено до Советот, кој беше поттикнат повторно да го разгледа предметот при што повторно беше разгледан предметот и беше донесена одлука со која мерката-Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа се замена со мерката-Задолжително психијатриско лекување на слобода.

Предметот е застапуван од адвокат Татјана Донеска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници, во рамки на проектот „Борба против тортура и нехуман третман„ финансиран од ЕУ и во соработка со Хелсиншки комитет за човекови права.


[1]Trajče Stojanovski v. Macedonia Application no. 1431/03, Judgment of 22 October 2009, final on 22 January 2010

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.