Соопштение Изречена затворска казна за полицаец поради малтретирање во вршење на службата 27.06.2022

Основниот Кривичен Суд Скопје на ден 30.05.2022 година донесе пресуда со која го
прогласи обвинетиот Г.П, униформиран полициски службеник вработен во СВР
Битола за виновен и го осуди на казна затвор во траење од една година.
27.06.2022 година
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за
човекови права информира дека Основниот Кривичен Суд Скопје, по пресуда на
Апелациониот суд со која беше укината првостепена пресуда, во повторно судење,
донесе идентична пресуда со која полицискиот службеник Г.П вработен во СВР Битола
се прогласува за виновен и истиот се осудува на казна затвор во траење од една
година за делото Малтретирање во вршење на службата член 143 од Кривичниот
законик.
Во повторното судење се изведени докази од страна на одбраната кои не биле
прифатени во текот на претходното судење. Во врска со настанот судот идентично
како и во претходната пресуда наведува дека полицискиот службеник го малтретирал
оштетениот Н.Ј и спрема истиот постапил на начин што се понижува човечкото
достоинство и човечката личност со што во целост е исполнето законското битие на
кривичното дело кое на обвинетиот му се става на товар со обвинителниот предлог.
Судот утврдил дека на 21.09.2020 година околу 01 часот на ул.Никола Тесла во Битола,
обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на
службата го малтретирал оштетниот Н.Ј на начин што при обезбедување на лице
место по случена собраќајна незгода откако спрема оштетениот употребил полуга на
левата и десната рака, го турнал на земјата и додека оштетениот бил легнат на земјата
обвиниетиот го удирал до клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по
рацете, по нозете, по грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот
постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.
Одржани се неколку рочишта на кои се сослушани во својство на сведоци оштетениот,
доктор по општа медицина како и сведоци на одбраната, а изведени се и повеќе
докази помеѓу кои и видео матерјалот од кој што судот неспорно утврдил дека веднаш
откако бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на оштетениот и тој бил
совладан и соборен на земја, обвинетиот продолжил да го удира оштетениот со
тупаници и со клоци по телото и главата и тоа додека оштетениот лежел на земјата.
И покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот
спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи со образложение
дека “околноста дека оштетениот критичниот момент бил под дејство на алкохол и
агресивно се однесувал за што се води и кривична постапка против него за кривично
дело од член 383 од КЗ не претставува оправдување за преземените дејствија од
страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од
кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и
соборен на земјата продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа
применувајќи прекумерна сила”.
Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот Комитет за човекови
права ја поздравуваат ваквата одлуката на судот, особено имајќи ја во предвид
неприкосновеноста на индивидуалната слобода, како што и судот истакнува во
самата пресуда, односно дека при одмерување на казната особено ги зел во предвид
повредата на заштитеното добро на оштетениот, а тоа се слободите и правата на
оштетениот како и зачестеноста на ваквиот вид на кривични дела, како отежнувачки
околности.
Истакнуваме дека ваквиот став на судот и при повторното судење, е од енормно
значење поради тоа што е меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува
ефективна казна затвор за полициски службеник поради употреба на прекумерна
сила кон оштетено лице за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата,
член 143 од Кривичниот законик. Досегашна судска пракса е изрекување на условна
осуда за полициски службеници дури кога е утврдена употреба на прекумерна сила
при пречекорувањето на полициските овластувања.
Оттука, целосно го поддржуваме ставот на Судот дека во конкретниот случај со
изречената казна затвор во траење од една година ќе бидат постигнати целите на
казнувањето од аспект на генерална и специјална превенција.
Оштетениот е застапуван од адвокат Татјана Донеска од Скопје, член на тимот на
адвокати на Македонското здружение на млади правници.
Лице за контaкт:
Ирена Здравкова, тел. 071 372 265, е-пошта: izdravkova@myla.org.mk
Ина Џугуманова, тел.071 306 983, e-`поштa: ina.dzugumanova@mhc.org.mk
Арбен Гудачи, тел. 071920030, е-пошта: agudaci@myla.org.mк