Македонско здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Европско здружение на студенти по право во РСМ (ЕЛСА РСМ), организираше Зимски универзитет за студенти по право и млади дипломирани правници.
Целта на Универзитетот е зголемување на знаењата и вештините на студенти по право и младите правници на конкретни правни области кои што се актуелни во општеството. Универзитетот се одржа како двонеделна програма и беа опфатени 3 (три) модули: Заштита на животната средина, Заштита на лични податоци и Азил и миграции. Во рамки на секој модул се одржа по 1 (една) онлајн обука каде се опфатија теоретските аспекти на темата и по 1 (една) работилница каде што учесниците преку практични вежби имаа можност да ги применат стекнатите знаења.
Во рамки на првиот модул – Заштита на животната средина се опфатија прашања за правната рамка за заштита на животната средина, управување со отпад и циркуларна економија, заштита на природата, заштита на водите, квалитет на амбиентен воздух и учество на јавноста во постапките за заштита на животна средина. Предавачи на првиот модул беа: М-р Фросина Антоновска, советник на Министерот за животна средина и просторно планирање и aдвокат Евгенија Крстевска.

Во рамки на вториот модул – Заштита на лични податоци се опфати правната рамка за заштита на личните податоци, правата на субјектите на лични податоци, заштита од злоупотреба на личните податоци, приватноста како основно човеково право и онлајн заштита. Предавачи на вториот модул беа: Арбен Гудачи, офицер за заштита на лични податоци во МЗМП и Елена Стојановска, oфицер за заштита на лични податоци во ГИЗ.
Третиот модул – Азил и мигации беше фокусиран на основите на бегалското право и меѓународна правна рамка, домашна правна рамка и системот за азил. Предавачи на третиот модул беа Вилдан Дрпљанин, претставник од УНХЦР и Теодора Ќосева Костадиновска, Офицер за застапување во МЗМП.
На учесниците кои присуствуаа на сите модули на Зимскиот универзитет им беа доделени сертификати. На универзитетот учество земаа 30 студенти по право и млади правници.
Зимскиот универзитет е организиран во рамки на проектот “Зајакнување на професионализмот, компетентноста и интегритетот на младите правници во Македонија” поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.