Соопштение за јавноста- Според Државниот завод за ревизија, голем дел од малите  хидроцентрали се нелегални

Скопје, 21.12.2021 година – Македонското здружение на млади правници и Еко-Свест ја поздравуваат извршената ревизија на Државниот завод за ревизија во врска со искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија. Ние како организации, повеќе години реагираме во врска со сериозните прекршувања во постапките за издавање на концесии. Со тоа, голем број од издадените концесии за малите хидроцентрали се издадени надвор од правната постапка, a се констатираат и серизни прекршувања, што ја доведува во прашање законитоста на нивното постоење.

Во извршената ревизија на ДЗР за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, е даден целосен преглед и постапка за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања на постапката за издавање на концесии. Се воочуваат низа сериозни прекршувања од постапката на издавање концесии до подготовката на стратешките документи, се до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Ревизијата воочува сериозни прекршувања на постапката за издавање концесии, од подготовката на стратешките документи врз чија основа се издаваат, до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

Комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед на  објектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска. Тие не прооизведуваат правно дејство, и според ова зафаќањето на вода за производство на електрична енергија е исто така незаконско.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Извештајот на ДЗР уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина. Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население.“ изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

 

Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекцискиските служби.

 

Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници дополни дека „Неспроведувањето на оцена на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе.“

 

МЗМП во соработка со Еко свест и понатаму ќе ги следи ваквите состојби и ќе ги користи сите расположливи правни механизми за заштита на животната средина, но истовремено им нуди на граѓаните и локалните граѓански организации можност за правно советување за овие прашања преку изготвување на правни мислења за конкретна МХЕ. Дополнително, согласно наодите од ДЗР, очекуваме и бараме да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки.

 

За дополнителни контакти и информации:

 

Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници

Тел: 074 601 004, Еmail:btrpevski@myla.org.mk

 

Ѓорѓи Митревски, координатор во Еко-свест

Тел: 071 232 103

Email: gorgimit@gmail.com