Одржана обука за академско пишување за стручното списание „Правен фокус” (Focus Iuris)

Во второто издание на списанието “Правен фокус” (Focus luris) ќе се објават 12 стручни статии на различни теми од областа на правото, поврзани со заштитата на човековите права и владеењеto на правото.

Од 4ти до 6ти јуни во Охрид, пред отпочнувањето на процесот на пишување на статиите,  за авторите се спроведе обука за стандарди на академското пишување, преку која тие се здобија со дополнителни знаења и насоки за претставување на проблематиката во трудовите на кохерентен и методичен начин. Обуката се спроведе во линија со препорачаните КОВИД19 протоколи.

За учество на обуката беше објавен Јавен повик врз основа на кој беа избрани авторите на статиите на идното издание на списанието.

Предавачи на обуката беа членовите на Уредувачкиот одбор на списанието:

  • Проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први при Универизтетот ,,Св.Кирил и Методиј” во Скопје;
  • Проф. д-р Горан Илиќ, професор и декан на Правниот факултет при Универизтетот ,,Св.Климент Охридски ” во Битола;
  • Д-р Јелена Ристиќ, адвокат, заменик-претседател на Адвокатската комора на РСМ, доцент на Правниот факултет при Универзитет Американ колеџ Скопје.

Обуката се организираше во рамки на проектот „Зајакнување на професионализмот, компетентноста и интегритетот на младите правници во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.