НЕОПХОДНО Е ДОНЕСУВАЊЕ НА ИТНО И СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ ЗА ЛИЦАТА КОИ НЕ СЕ ЗАПИШАНИ ВО МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ

Според проценките на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во Република Северна Македонија околу 700 лица сѐ уште остануваат незапишани во матичната книга на родените, без утврден правен и граѓански идентитет. Како последица на тоа овие лица не можат да се лекуваат, да користат услуги на социјална помош, да бидат вклучени во формално образование, да заработуваат за достоинствен живот и да се стекнат со државјанство.

Тие се наши сограѓани кои се невидливи за правниот систем, без единствен матичен број и без пристап до основните човекови слободи и права.

Во минатиот период јавноста беше сведок на повеќе информации и стории за лицата кои не
се запишани во матична книга на родени и за проблемите со кои се соочуваат живеејќи на маргините на општеството. Предолгото нерешавање на нивниот статус, неуспесите на претходните иницијативи и реалните предизвици и потешкотии со кои се соочуваат ја наметнуваат потребата од трајно и системско решение за овој горлив проблем.

МЗМП како организација која од 2010 година преку давање правна помош на лицата кои се
соочуваат со потешкотии при уписот во матична книга на родени, свесна за законските и
институционалните причини за оваа состојба, се залага за решавање на овој проблем и
заедно со долупотпишаните здруженија, фондации и мрежи на граѓанскиот сектор бара од
Владата на С.Македонија и надлежните министерства итно и без одложување да креираат и воспостават трајно и системско решение за упис во матичната книга на родените на лицата кои остануваат незапишани.

Според Уставот нашата држава се декларира како социјална држава. Основните слободи и
права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот како и солидарноста, хуманизмот и социјалната правда се темелни вредности на уставниот поредок. Како потписничка на Конвенцијата за правата на детето, Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство и Конвенцијата за намалување на бездржавјанството на Обединетите нации државата е должна да го обезбеди правото на едно лице да има идентитет и пристап до човековите права и слободи.

Одредбите во Законот за матична евиденција и Законот за семејство кои се применуваат во
постапките за запишување на лица во матична книга на родени не соодветствуваат со меѓународните акти и со обврската за непречен и навремен упис во матична книга на родени на секое дете родено на територија на државата.

Одредбите во овие закони не придонесуваат до решавање на реалните проблеми во практиката поради кои лицата остануваат незапишани, напротив предизвикуваат значителни потешкотии за кои во повеќе наврати јавно е дискутирано.

Неспорно е дека беа направени напори за решавање на овој проблем. Објавувањето на јавниот повик за упис во матична книга на родени во 2018 и 2019 година и донесувањето на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени беа сепак привремени решенија со цел да се олесни пристапот до одредени права.

Меѓутоа, со нив системски не се реши проблемот и овие лица повторно остануваат невидливи за правниот систем. Важно е да се укаже дека Управата за водење на матични книги, со своето непостапување и ненавремено запишување на лицата кои беа идентификувани на јавниот повик, од кои мнозинството деца, придонесе овие лица да останат невидливи и се принудени да живеат во сиромаштија и социјална исклученост.

Се изготвија предлози за изнаоѓање на решение кои ќе ги вклучи лицата во системот и ќе им
овозможи пристап до права како сите останати граѓани. Решенија за проблемот има, јавно се објавени документи во кои тие се предложени и истите беа предмет на јавна дебата. Уписот
на овие лица во матичната книга на родени може да се спроведе преку:

1. Измени на Законот за матичната евиденција кој ќе содржи посебен дел за утврдување
на граѓанскиот идентитет/статус и ќе биде во согласност со Конвенцијата за заштита
на правата на детето или
2. Воспоставување посебна вонпарнична судска постапка за утврдување на идентитетот
на овие лица.

Особено важно е постапките за упис во матична книга на родени треба да се брзи, ефикасни и достапни за сите лица, а при одлучувањето треба да се почитува законскиот рок согласно Законот за општата управна постапка.

Ние долупотпишаните здруженија, фондации и мрежи на граѓанскиот сектор изразуваме поддршка на оваа иницијатива, и го ставаме на располагање своето знаење, експертиза и искуство со цел заеднички во еден транспарентен процес да се реши ова прашање за овие лица да имаат пристап до основните човекови права еднакво како и сите други.

Ова барање ќе биде проследено до Владата на Република Северна Македонија.

  1. Македонско здружение на млади правници – МЗМП Скопје
  2. Хелсиншки комитет за човекови права
  3. Форум-Центар за стратешки истражувања и документација
  4. ХЕРА-Асоцијација за здравствена едукација и истражување
  5. Мрежа Стела
  6. Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје
  7. Коалиција „Сите за правично судење“
  8. Центар за правни истражувања и анализи
  9. Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена Порта/Ла Страда
  10. ЕХО Едукативна-Хуманитарна Организација Штип
  11. Рурална Коалиција
  12. Институт за комуникациски студии
  13. Прва детска амбасада во Светот МЕЃАШИ
  14. О2 Иницијатива
  15. КХАМ Делчево
  16. Движење на екологисти на Македонија (ДЕМ)
  17. Еко-живот
  18. Избор Струмица
  19. Реактор – Истражување во акција
  20. Станица П.Е.Т.
  21. ХОПС Опции за здрав живот
  22. Институт за политички и хуманистички науки
  23. СУМНАЛ – здружение за развој на ромската заедница
  24. Новинари за човекови права
  25. Скриениот херој во секое дете
  26. Ромска Асоцијација за жени и млади „ЛУЛУДИ“
  27. Институт за човекови права
  28. Институт за европска политика – ЕПИ
  29. Младински образовен форум – МОФ
  30. Здружение за едукативен развој Еквалис
  31. Центар за климатски промени Скопје
  32. Фондација Отворено општество Македонија
  33. Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк.
  34. Субверзивен фронт
  35. БГ Љубезност
  36. Организација на жените на општина Свети Николе
  37. ХДЗР Месечина
  38. Институт за истражување и анализи на политики – Ромалитико
  39. Граѓанско движење – Аваја
  40. Здружение ЛИЛ

Лице за контакт:
Теодора Ќосева Костадиновска, МЗМП
Тел: 078 246 036