Тридневна Академија за човекови права за младите правници

Македонското здружение на млади правници организираше тридневна (22-24.12.2020) Академија за човекови права во рамки на проектот “Зајакнување на професионализмот, компетентноста и интегритетот на младите правници во Македонија”, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. На академијата учествуваа 28 млади правници од Програмата за практикантска работа.

Целта на академијата е зајакнување на капацитетите и унапредување на знаењето на младите правници за заштитата на човекови права со посебен фокус на меѓународните инструменти, Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

На првиот ден се направи осврт на потеклото, целта и правната рамка на меѓународното право за човекови права со посебен фокус на правата загарантирани со ЕКЧП, како и правната и институционалната рамка во Р.С.М. Дополнително, на учесниците им беше прикажано како да пребаруваат пресуди на ЕСЧП на hudoc.echr.coe.int. За да стекнат практично знаење на учесниците им беа дадени предмети од ЕСЧП за да детектираат кои права загарантирани со ЕКЧП се повредени.

Предавачи беа Aлександра Цветановска, проектен менаџер и член на Програмски совет во МЗМП и Светлана Црвенковска, правник во ЕСЧП.

На вториот ден се претстави начинот на фунционирање на ЕСЧП и критериумите за допуштеност. Детално се разработија сите основи за недопуштеност и тоа: процесни основи за недопуштеност, основи за недопуштеност кои се однесуваат на надлежноста на ЕСЧП, како и основи за недопуштеност кои се однесуваат на самата основаност. Исто така, учесниците работеа на практични случаи во однос на критериумите за допуштеност и пополнување на образец за жалба пред ЕСЧП.

Предавач беше Јелена Ристиќ, адвокат, професор и заменик – претседател на Адвокатска Комора на Р.С.М.

Последниот ден од академијата беше наменет за извршување на пресудите и одлуките на ЕСЧП во РСМ. Учесниците научија за законската и институционална рамка во процесот на извршување на пресудите, обврските и одговорноста на државите по донесување на пресуда/одлука од страна на ЕСЧП, како и за правата на жалителите во постапката на извршување на пресудите/одлуките на ЕСЧП. На учесниците им беше прикажано како да ја  користат алатката hudoc.exec.coe.int при пребарување на пресуди во процес на извршување. Младите правници преку работа на случаи предлагаа индивидуални и генерални мерки коишто државата може/треба да ги преземе со цел правилно и ефективно извршување на пресудите/одлуките. На крајот на Академијата осврт се даде и на повторувањето на постапките во нашата држава по донесена одлука пресуда на ЕСЧП.

Предавачи беа Ана Фуна, помлад соработник во Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП при Министерство за правда на РСМ и Ирена Цуцуловска Јакимовска, Виш раководител на проект во Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје.