Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Соопштение за медиумите – Извештај на УНХЦР: Коронавирусот е сериозна закана за образованието на бегалците – половина од децата бегалци во светот се надвор од училиштата

Во извештајот излезен денес, насловен „Заедно за образование за бегалците“, УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, предвидува дека доколку меѓународната заедница не преземе итни и храбри мерки за да возврати на катастрофалните ефекти на КОВИД-19 врз образованието на бегалците, понатаму ќе се намалат можностите да се искористи потенцијалот на милионите млади бегалци кои живеат во едни од најранливите заедници на светот. Податоците во извештајот се основаат на вкупните бројки на уписи во училишната 2019 година.

Иако децата од сите земји имаат потешкотии во образованието како последица од КОВИД-19, децата бегалци се особено загрозени. Пред пандемијата, веројатноста да не посетуваат училиште беше двојно поголема за децата бегалци отколку за децата кои не се бегалци. Како што стојат работите – многу од нив нема да можат да продолжат со учење поради затворените училишта, неможноста да си ги дозволат уплатите, униформите или книгите, недостапноста на технологии или бидејќи треба да работат за да го издржуваат своето семејство.

„Половина од децата бегалци во светот веќе се надвор од училиштата“, изјави Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци. „По сè што поминале, не можеме да им ја земеме иднината со тоа што ќе им го одземеме образованието денес. И покрај огромните предизвици на пандемијата, со поголема меѓународна поддршка за бегалците и заедниците кои ги прифатиле, можеме да ги прошириме иновативните начини за да ги заштитиме критичните придобивки во образованието на бегалците од последниве години.“

Без зголемена поддршка, ќе се загубат стабилните и тешко стекнати придобивки во однос на уписите во училиштата, универзитетите и техничките и стручни образовни установи – во некои случаи и трајно – со можност да ги загрозат напорите да се постигне целта број 4 за Одржлив развој, да се обезбеди инклузивно и еднакво
достапно квалитетно образование за сите.

За првпат во учебната 2019/2020г. седум деца баратели на азил од Сирија, Авганистан и Пакистан се запишаа во основно образование на македонски јазик во локално училиште во Скопје. УНХЦР обезбеди и ќе продолжи да обезбедува поддршка за училиштето што, заедно со родителите и децата, широкоградо ги прифати седумте деца. Ова е одличен пример за инклузија на лица што бегаат од конфликт, кои во Северна Македонија нашле место што можат да го наречат свој дом и место во кое можат да придонесат.

Во моќниот завршен збор на извештајот, Амбасадорот на Фондацијата Водафон и УНХЦР за Инстант мрежа на училишни програми, Мохамед Сала, изјави: „Да обезбедиме квалитетно образование денес значи помалку сиромаштија и страдања утре. Доколку сите не ја одиграат својата улога, генерации деца ќе се соочат со темна иднина. Но ако работиме како тим, здружено, можеме да им ја дадеме можноста за достоинствената иднина што ја заслужуваат. Да не ја пропуштиме оваа можност.“

Податоците во извештајот за 2019 година се земени од дванаесет земји кои примиле повеќе од половина од децата бегалци во светот. Додека основните училишта бројат 77% запишани, само 31% од младите продолжуваат во средно училиште. На нивото на високо образование, се запишуваат само 3% млади бегалци.

Далеку зад глобалните просеци, овие статистики сепак претставуваат напредок. Во средно училиште бројот на новозапишани деца бегалци е зголемен за десетици илјади; со 2% пораст само во 2019 година. Како и да е, пандемијата на КОВИД-19 се заканува да ги поништи оваа и други важни придобивки. За девојчињата бегалки, оваа закана е особено лоша.

Девојчињата бегалки веќе имаат помал пристап до образование од момчињата, со напола помала веројатност да се запишат во средно училиште. Според податоците на УНХЦР, Фондот Малала проценува дека половина од девојчињата бегалки од средноучилишна возраст нема да се вратат во клупите штом повторно се отворат училниците месецов. За земјите каде бројот на уписи на девојчиња бегалки бил помал од 10%, постои ризик дека ќе се отпишат засекогаш – застрашувачко предвидување кое ќе влијае на идните генерации.

„Особено сум загрижен за влијанието врз девојчињата бегалки. Не само што образованието е човеково право, туку и заштитата и економските придобивки од образованието на девојчињата бегалки, нивните семејства и заедници се јасни.Меѓународната заедница едноставно не може да си дозволи да не им ги обезбеди можностите кои доаѓаат со образованието, вели Гранди.“

Приспособувањето на ограничувањата наметнати од КОВИД-19 е особено тешко за 85% од бегалците во светот кои живеат во помалку развиени или земји во развој. Мобилните телефони, таблети, лаптопи, добра мрежа, дури и радио сетови, често не се достапни за раселените заедници.

Извештајот покажува како семејствата, заедниците и владите работат да обезбедат образование за децата бегалци. Покажува позитивни примери на влади кои со закон го обезбедиле правото на децата бегалци да ги посетуваат државните училишта, со приказни од Еквадор до Иран. Примери на дигитална иновација истакнаа Министерот за образование на Египет и едно семејство во Јордан, кои имале корист од транзицијата кон виртуелно учење. Бидејќи над половина од бегалците во светот живеат во урбана средина, важно е градовите да ги прифатат бегалците, како што покажува искуството на Градоначалникот на Ковентри од Обединетото Кралство кој споделува како се справува градот и зошто ова има смисол.

Извештајот ги повикува владите, приватниот сектор, граѓанскиот сектор и други клучни страни од интерес да ги здружат силите и да најдат решенија кои ќе ги зајакнат државните образовни системи и ќе создадат врски со признаени образовни мрежи, како и да го обезбедат финансирањето на образованието. Без вакви чекори, предупредува извештајот, ризикуваме да имаме изгубена генерација на деца бегалци на кои им е одземено образованието. Ризиците за образованието на бегалците не запираат тука. Нападите врз училиштата се страшна реалност која е во пораст. Извештајот се фокусира на регионот Сахел во Африка каде насилствата принудно затвориле повеќе од 2500 училишта, со што било загрозено образованието на 350.000 ученици.

Целосното соопштение на македонски јазик може да го преземете на: UNHCR Press Release 3 September 2020 MK

Целосното соопштение за медиуми на англиски јазик може да го погледнете тука. 

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.