Јавен повик за пријава за обука за адвокати за обезбедување на правна помош и заштита од тортура и нехуман третман на лицата лишени од слобода

ЈАВЕН ПОВИК

ЗА ПРИЈАВА ЗА ОБУКА ЗА АДВОКАТИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПРАВНА ПОМОШ И ЗАШТИТА ОД ТОРТУРА И НЕХУМАН ТРЕТМАН НА ЛИЦАТА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) за потребите од спроведување на проектот ,,Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода” финансиран од Европската Унија во рамки на програмата EuropeAID/163963/DD/ACT/MK согласно Договорот за грантот потпишан меѓу МЗМП и ЕУ бр. NEAR-TS/2019/411-576 објавува јавен повик за адвокати за учество на обука за обезбедување на правна помош на лица лишени од слобода.

  1. Опис и цели на проектот

Општата цел на овој проект е да придонесе кон елиминација на тортурата и нечовечкото или понижувачко постапување во казнено-поправните установи и други установи во кои лица се лишуваат од слобода.  Притоа, специфичните цели кои проектот се стреми да ги оствари се следните: (1) Подигнување на свеста кај затворениците и лицата лишени од слобода за користење на правните механизми за пријавување и барање на одговорност од надлежните институции во случаи на тортура и нехуман третман (2) Воспоставување на поголема одговорност на казнено-поправните установи и установите во кои лица се лишуваат од слобода во однос на преземање на мерки за елиминацијата на тортурата и нечовечното постапување во установите во кои лица се лишуваат од слобода (3) Подобрување на механизмите за спроведување на внатрешен и надворешен надзор над работата на полицијата и затворската полиција.

Проектот, меѓу другото, вклучува активности за зајакнување на капацитетите на 15 адвокати во однос на обезбедување на правна помош на затвореници кои издржуваат казна затвор во некои од казнено-поправните домови во државата, деца со изречена заводска мерка упатување во воспитно-поправен дом и лица лишени од слобода на кои пристапот до адвокат и правна помош им е ограничен.

  1. Обука на тема – Правна заштита од тортура и нехуман третман во установите во кои лица се лишуваат од слобода

На обуката ќе се разгледаат и дискутираат правните механизми за заштита од тортура и нехуман третман, механизмите за внатрешен и надворешен надзор над работата на полицијата и затворската полиција, улогата на Комитетот за превенција од тортура (КПТ), праксата на Европскиот суд за човекови права поврзана со тортура и нехуман третман како и релевантна домашната и меѓународна пракса на постапување.  Учесниците ќе бидат во можност да ги зголемат знаењата и вештините за обезбедување на соодветна правна помош за заштита од тортура и нехуман третман на лицата лишени од слобода.

Обуката е дводневна и ќе се одржи во хотел во периодот од 22-24 Јули 2020 година. За време на обуките ќе се почитуваат препораките и протоколите за организирање на настани во време на пандемија. Трошоците во однос на организацијата, сместувањето и превозот на учесниците ќе бидат покриени од страна на МЗМП. Би сакале да нагласиме дека постои можност обуката да се одвива онлајн, за што избраните ќе бидат навремено известени.

МЗМП ги поканува сите заинтересирани адвокати кои имаат познавање и интерес од областа на заштита на човековите права и се мотивирани да се вклучат во обезбедување на правна помош на лица лишени од слобода за нивна заштита од тортура и нехуман третман да достават свое резиме/CV на електронската адреса izdravkova@myla.org.mk и agudaci@myla.org.mk најдоцна до 15.07.2020 година (среда).

Во прилог повикот во пдф формат Повик за обука за адвокати – МЗМП