Извршување на пресуди на ЕСЧП (online обука)

Зајакнување на капацитетите на адвокатите во Северна Македонија за ефикасно извршување и застапување за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права

04 Јуни 2020 година

 

Со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), нашата држава има преземено голем број на обврски, вклучувајќи и задолжителност за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Извршувањето на пресудите на ЕСЧП е клучна алатка при обезбедување на ефикасност и промовирање на заштитата на човековите права. Притоа, ефикасноста на целокупниот систем на извршување на пресудите на ЕСЧП не зависи само од еден орган, туку од меѓусебна и координирана работа од сите засегнати страни.

Токму затоа, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Европската мрежа за имплементација (EIN) организираа обука за извршување на пресудите на ЕСЧП наменета за адвокати. Целта на обуката беше зајакнување на капацитетите на адвокатите во Р.С.М во процесот на извршување и ефикасно застапување за извршување  на пресудите на Судот во Стразбург.

Во целиот процес, особено важна е улогата на адвокатите, кои преку следење на процесот на извршување на пресудите на нивните клиенти, првенствено следејќи дали утврдените повреди на правата загарантирани со ЕКЧП се соодветно отстранети, како и можноста да ги искористат различните механизми кои им се на располагање доколку државата не ги презема потребните мерки за извршување на пресудата, водат кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и доследно остварување на принципот на владеењето на правото.

На обуката се дискутираше за:

  • Извршување на пресудите на ЕСЧП во Р.С.М;
  • Што е потребно да се знае за процесот на извршување на пресудите на ЕСЧП;
  • Улогата и придонесот на адвокатите и граѓанското општество во процесот на извршување на пресудите на ЕСЧП;
  • Клучни случаи против Р.С.М и важноста за комбинирањето на застапување во Стразбург со застапување на национално ниво.

Предавачи на обуката беа Џорџ Стаффорд, директор на EIN и Агенс Цицароне, програмски и финансиски менаџер во EIN.

На обуката свое излагање имаа претседателот на Адвокатска Комора на РСМ, г-дин Љубомир Михајловски, кој ги поздрави ваквите активности на здружението насочени кон зајакнување на капацитетите на адвокатите и претседателот на Македонското здружение на млади правници, г-дин Зоран Дранговски кој ги презентираше наодите за извршување на пресудите на ЕСЧП во нашата држава.

Обуката се одржа на 04.06.2020 година, преку ZOOM платформата. Обуката може да ја погледнете на следниот линк –  https://www.youtube.com/watch?v=FrZs5DAh6os&feature=youtu.be

Галерија: