ЈАВЕН ПОВИК за поднесување апстракти за стручни статии од областа на правото

Македонското здружение на млади правници – МЗМП во рамки на проектот “Зајакнување на професионализмот, компетентноста и интегритетот на младите правници во Македонија” поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, објавува јавен повик за поднесување на апстракти за стручни статии од областа на правото. Избраните статии ќе бидат објавени во стручно списание кое МЗМП ќе го објавува на годишно ниво.

  1. Опис и цели на проектот

Проектот има за цел да ги зајакне капацитетите на младите дипломирани правници во нивниот професионален развој,  учество во реформски процеси и активности насочени за застапување од јавен интерес. Специфичните цели на проектот се: (1) Подобрување на практичните правни вештини и вештини за барање на работа по нивното дипломирање (2)Промовирање и поттикнување на критичко размислување и правно пишување од страна на млади правници за клучни прашања коишто влијаат на човековите права и владеењето на правото во општеството (3) Промовирање на општествена одговорност и активизам помеѓу младите правници кај  нивното локално население.

  1. Опис и цел на стручното списание

Целта на списанието е создавање професионален форум за објавување на стручни статии кој ќе послужи како медиум, каде правничкото мислење и визијата на младите правници во однос на клучни прашања поврзани со човековите права и владеење на правото, можат да бидат артикулирани на кохерентен и методичен начин. Списанието ќе промовира дебата за тековните процеси во областа на правото, а воедно ќе поттикне идеи за понатамошно подобрување на нашиот правен систем на таков начин каде што ќе се обезбедат и гарантираат човековите права и владеењето на правото.

Со цел да се обезбеди високо ниво на квалитет на статиите,  тие ќе бидат уредувани од страна на Уредувачки одбор составен од 3 стручни лица. Истите ќе ги  разгледуваат статиите од аспект на методолошка конзистентност, академска прецизност и форматирање на текстот. Секоја правна статија ќе биде ограничена до 3.500 зборови.

  1. Теми и области на пишување

Статиите потребно е да бидат на теми поврзани со заштитата на човековите права и владеење на правото во нашата држава.

Авторите на статиите, самостојно ги избираат конкретните теми.

  1. Инструкции за пишување на апстрактот
  • Апстрактите треба да бидат напишани на македонски јазик;
  • Апстрактите треба да содржат до 400 зборови (не вклучувајќи ги фуснотите);
  • Апстрактите треба да дадат јасен и прецизен преглед на темата што е предмет на апстрактот;
  • Насловот на апстрактот да не содржи повеќе од 20 зборови, да биде со големи букви и да не содржи кратенки;
  • Апстрактите треба да бидат изработени во компјутерска техника, со користење на фонт Times New Roman, со големина на букви 12 и проред 1.15 за основен текст, со големина на букви 10 со проред 1 за текст во фусноти;
  • Апстрактите треба да бидат испратени во PDF формат.
  1. Потребни квалификации
  • Дипломиран правник на возраст до 35 години;
  • Интерес во областа на човековите права.
  1. Постапка и правила за пријавување, рок и избор

Овој повик е јавен.

Секој млад правник кој ги исполнува потребните квалификации може да аплицира на овој јавен повик со поднесување на CV/резиме и поднесување на апстракт за темата и областа за која што сака да пишува правна статија.

Апликациите се доставуваат по електронски пат на следата адреса: contact@myla.org.mk најдоцна до 05.05.2020 со назнака Апстракт за стручна статија од областа на правото.

Пристигнатите апстракти ќе бидат евалуирани од страна на стручна комисија. Доколку апстрактот е прифатен ќе бидете известени. Со кандидатите кои што ќе се изберат, ќе биде потпишан договор за авторско дело и изјава со која што ќе потврдат дека трудот не бил претходно веќе објавен на друго место и во моментот не е поднесен за објавување на друго место. На избраните кандидати ќе им биде испратено и целосно упатство за пишување на правни статии.

МЗМП изјавува дека поднесените апстракти ќе се користат само за потребите на списанието.

За избраните кандидати предвиден е надомест во бруто износ од 6,600.00 денари.

 

Целиот повик во PDF верзија може да го најдете на следниов линк- Јавен повик за апстракти