Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција – Кон поефективна заштита на бегалците и мигрантите согласно ЕКЧП

Од 3-ти до 5-ти април 2018 година во Дојран се одржа семинар на тема „Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција – Кон поефективна заштита на бегалците и мигрантите согласно ЕКЧП“ во организација на Македонското здружение на млади правници (МЗМП), а со поддршка на Советот на Европа. Во текот на двата дена говоревме за принципот на невраќање и обемот на негова примена низ призма на практиката на Европскиот суд за човекови права. Точки на дискусија беа особено забраната за колективно протерување на странци и стандардите за ограничување на слободата на движење на баратели на азил и странци.

Цел на семинарот беше да ги зајакне знаењата и експертизата на претставниците на релевантните министерства, управните судови и обвинителството, како и правниците од МЗМП. Своите искуства и знаења со учесниците ги споделија г. Дмитро Третиаков, правник во Европскиот суд за човекови права, г-ѓа Јута Сидел, виш правен соработник и претставник на УНХЦР во европските институции во Стразбур и г-ѓа Ивана Роагна, адвокат за човекови права и стратешко застапување. За време на панел дискусиите вториот ден, дискутиравме за правната рамка и практиките на протерувањето и присилното враќање на странци, како и задржувањето на странци од имиграциски причини во Македонија. Предмет на разгледување беа и новите законски измени во насока на ограничување на слободата на движење на барателите на азил.

Како панелисти во текот на првиот панел на тема протерување и присилно враќање на странци ги имавме г. Никола Мирчевски, началник на Секторот за гранични операции при МВР, г-ѓа Славица Чубриќ, проектен офицер во Советот на Европа и г. Зоран Дранговски, претседател на МЗМП. На тема задржување и ограничување на слободата на странци и баратели на азил разговаравме со панелистите г. Никола Мирчевски, началник на Секторот за гранични операции при МВР, г-ѓа Братка Дејаноска Милчевска, началник на Секторот за азил при МВР, г-ѓа Снежана Теодосиевска Јорданоска, државен советник при Народниот правобранител на РМ и г. Митко Кипровски, проектен офицер во МЗМП. Семинарот заврши со презентација на ХЕЛП програмата на Совет на Европа и вовед во ХЕЛП/УНХЦР курсот „Азилот и ЕКЧП“.

Семинарот на тема „Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција – Кон поефективна заштита на бегалците и мигрантите согласно ЕКЧП“ се залага за ефикасна заштита на правата на бегалците и мигрантите согласно Европската конвенција за човекови права“. Семинарот беше овозможен со поддршката на Советот на Европа.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.