Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Регионален состанок на граѓанското општество за азил, миграција и бездржавјанство и состанок на мрежата WEBLAN

На 27 и 28 септември 2017 година, МЗМП во соработка со Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, организираше Регионален состанок на граѓанското општество за азил, миграција и бездржавјанство, во кој присуствуваа партнерски организации од Југоисточна Европа кои работат на азил, миграција и бездржавјанство. Состанокот претставуваше форум за граѓанските организации во регионот да ги препознаат заедничките предизвици и да разговараат за идните планови за зајакнување на соработката во регионот. Паралелно на овој состанок се одржа и состанок на мрежата за правна помош за Западен Балкан (WeBLAN).

Регионалниот состанок започна со неформална вечер со панел дискусии за предизвиците и иднината на регионалната соработка меѓу граѓанското општество во регионот, како и за соработката на граѓанските организации со медиумите во борбата против неправдата.

Регионалниот состанок за азил и миграција се фокусираше на идентификување на заедничките предизвици на граѓанските организации во врска со застапеноста на барателите на азил во административните и судските процедури, како и во активностите за застапување и мониторинг. Партнери кои учествуваа на овој состанок беа Белградскиот центар за човекови права, Унгарскиот хелсиншки комитет, Програмата за граѓански права – Косово, Ваша правa – Босна и Херцеговина, Центарот за правни информации (PIC) – Словенија, Хрватскиот правен центар и Хуманитарниот центар за интеграција и толеранција – Србија.

На состанокот говореше и Флип Шулер, адвокат за имиграција и азил специјализиран за меѓународни судски постапки, кој ги сподели своите ставови за ефективната застапеност на случаите за азил и начините на кои организациите во регионот можат да го зајакнат својот глас на регионално и европско ниво. Изразувајќи ги посебностите од секоја земја, повеќето од организациите истакнаа дека како  клучни предизвици остануваат ефективниот пристап до постапката за азил, недостатокот на добро образложени одлуки за азил од страна на административните тела, како и недостатокот на судски пресуди кои одлучуваат за основаноста на барањата за азил. Организациите учесници, исто така, ги споделија своите искуства за напорите што ги преземаат за решавање на овие прашања.

Со оглед на заедничката правна историја и системи на земјите во регионот, партнерските организации се согласија дека овие прашања треба да се решат на регионално ниво, со поддршка од меѓународни партнери и во соработка со државните институции и националните судови.  Организациите се согласија во наредниот период да развијат заедничка листа на прашања со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа, во врска со нивните системи за азил, кои понатаму ќе се користат за развивање на заеднички акции и иницијативи за решавање на овие прашања на регионално ниво.

Истовремено, МЗМП беше домаќин на овогодинешниот состанок на мрежата WEBLAN на кој што се потенцираше значењето на мрежата како облик на регионална соработка на организациите членки, ососбено во однос на спречување и борбата со бездржавјанството.
 
Претставниците ги изложија постапките за упис во матичната книга на родените, како и за регулирање на престој и добивање на државјанство во сопствената земја. Беа претставени начините на кои секоја организација врши идентификација на лицата без државјанство и  позитивните законски прописи и добри пракси во однос на решавање на овој проблем. Се презентираа и досегашните активности од вкупно предвидените за  2017 година, како и идните активности на мрежата предвидени за 2018 година. 
NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.