Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Иницијатива од граѓанскиот сектор за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и КХАМ Делчево поднесоа иницијатива за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човекови права за прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини спрема граѓаните од ромската етничка заедница.

И покрај ингеренциите кои ги има оваа комисија во однос на заштитата на слободите и правата на граѓанинот, сепак во минатиот мандат не беше организирана ниту една јавна седница на ова собраниско тело. Оттука, проблемот со незаконитото постапување на граничните служби при Министерството за внатрешни работи на РМ (МВР), кои при вршењето на граничните контроли, расно ги профилираат македонските државјани Роми и го спречуваат нивниот излез од државата, не беше никогаш разгледуван од страна на претставниците во Собранието на РМ.

Во периодот од 2011 година до денес дискриминаторската пракса од МВР е утврдена во поголем број меѓународни извештаи на Обединетите Нации и Советот на Европа, каде се даваат препораки ваквата пракса да престане.

Во периодот од 2012 година до денешен датум поднесени се 50 тужби за утврдување на правото на еднаков третман на граничните премени, од кои 13 правосилни одлуки се позитивни, 9 се негативни, додека останатите судски постапки се сеуште во тек. Поради донесените негативни одлуки поднесени се 7 апликации до Европскиот суд за човекови права за повреда на правото на еднаков третман на македонските државјани Роми од страна на Република Македонија.

Оттука, сметаме дека е неопходно Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот да организира јавна расправа на која ќе бидат поканети релевантни организации, експерти и институции кои подолго време работат на овој проблем или се засегнати од истиот, а се со цел да бидат дадени конкретни предлози и да бидат преземени конкретни иницијативи за подобрување на законската рамка во насока на заштита на веќе утврдените права и слободи на граѓаните како и надминување на системската пракса на расно профилирање на граѓаните Роми на граничните премини од страна на полициските службеници на МВР.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.