На 19 јуни, 2017 година во Скопје, Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во соработка со преставништвото на УНХЦР во Скопје и поддршката на Европската Унија, организираше конференција на тема „Имиграциски притвор во Македонија – Сегашни практики, релевантна легислатива и можни алтернативи“.
Целта на конференцијата беше да се дискутираат моментните практики на притвор од имиграциски причини во Македонија, релевантната правна рамка и можните алтернативи на притвор. Претставници од МЗМП, УНХЦР, Меѓународната коалиција за притвор, Народниот правобранител на РМ, Центарот за правна помош – Глас во Бугарија, Секторот за гранични работи и миграции (МВР), Секторот за странци (МВР) и универзитетски професор имаа презентации на темата.
По конференцијата беа донесени следните заклучоци:
- Ниедно дете не треба да биде во притвор;
- Не постои правен основ за притвор на сведоци во Македонија, а според тоа притворот на бегалци и мигранти за целите на обезбедување присутство на сведоци во кривичните постапки е незаконско. Треба да бидат истражени а декватни алтернативи;
- Лицата во имиграциски притвор треба да се соодветно информирани за можноста да го обжалат притворот и да им биде обезбеден пристап до правна помош;
- Алтернативи на притвор треба да бидат достапни според законот и имплементирани во пракса и
- Законски измени се неопходни за да се обезбеди заштита на човековите права на притворените. МЗМП, УНХЦР и релевантни граѓански организации треба да бидат вклучени во работните групи за измена на релевантната правна рамка со цел да придонесат со експертиза.