Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Заштита на правата на бегалците и мигрантите според Европската конвенција за заштита на човековите права

obuka1Од 28 до 30 ноември, 2016 година, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Советот на Европа, организира дводневна обука на тема „Заштита на правата на бегалците и мигрантите според Европската конвенција за заштита на човековите права“. 

Обуката опфаќа повеќе теми поврзани со избрани членови на Конвенцијата, како правото на живот (чл.2), забраната за тортура (чл. 3), правото на слобода  и безбедност (чл. 5), како и правото на почитување на приватниот и семејниот живот (чл. 8), во контекст на заштита на правата на бегалците и мигрантите.

obuka2

Правниците и адвокатите учесници ќе бидат во можност да се стекнат со  дополнителни знаења и вештини за успешно застапување пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. За специфичната тема и цели на оваа обука, претседателот на МЗМП Зоран Дранговски, изјави:

„МЗМП организира ваква обука во соработка со Советот на Европа по дванаесетти пат. На овие обуки учествувале преку 300 млади правници, меѓу кои и адвокати кои работат предмети во Европскиот суд за човекови права. Фокусот овој пат е значењето и примената на членот 8 од ЕКЧП во контекст на правата на бегалците и мигрантите и семејното единство, како и постапката за семејно обединување како судска практика на ЕСЧП. Темата се идентификуваше како неопходна, земајќи ги в предвид миграциските движења и предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Инаку, предавачите се високи претставници од Стразбур кои имаат значително искуство  во оваа област, нешто што е особено значајно за развојот на стручноста на младите правници. Јас верувам дека соработката ќе продолжи понатаму.”

Експертите Олексиј Готсул, правник во регистарот на Европскиот суд за човекови права, Флип Шулер, адвокат за имиграциja и азил од Одборот за миграции во Европската адвокатска комора и член на работната група на мрежата HELP за ЕКЧП и азил,  и Самуел Бутруш од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци во Стразбур, низ неколку сесии и дискусии ќе им ја пренесат својата експертиза на учесниците.

obuka3

За важноста на ваквите обуки и резултатите кои се постигнуваат, адвокатот за имиграциja и азил од Одборот за миграции во Европската адвокатска комора, Флип Шулер изјави: 

„Една од добрите страни на ваквите обуки е дека адвокатите и правниците, заедно со судиите развиваат заеднички дијалог за состојбите во моментов во Македонија. Исто така, мислам дека е многу важно за сите чинители да разберат дека проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат се исти и во другите држави, како и дека во македонскиот контекст постои простор за напредување и развој, и за пресретнување на меѓународните стандарди во бегалското право.”

Самуел Бутруш од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци во Стразбур, по завршувањето на првата половина од обуката, изјави:

„ Веќе можам да кажам дека е прилично импресивнa и квалитетна размената помеѓу учесниците, особено земјаќи в предвид дека имаме претставници од правната заедница, судии и претставници на државните органи. Нивото на знаење за судската пракса на Европскиот суд за човекови права ветува многу, може да се заклучи дека постои особен интерес за случаите со опасност по националната безбедност, како и за квалитетот на процесот на одлучување во постапката за азил. Се надеваме дека размената во обукава ќе овозможи учесниците да ја подобрат и продолжат имплементацијата на ЕСЧП на домашно ниво, бидејќи на многу од овие проблеми може и треба да им се обрне внимание.”

Дополнително, на обуката предвидено е учество да земат и практичари од различни области, кои низ панел дискусиите ќе придонесат за уште посеопфатна едукација во оваа област.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.