МЗМП дел од работна група која ќе работи на текстот на новиот Закон за бесплатна правна помош

Во првата половина на октомври 2016 година, Министерство за правда формираше работна група која ќе работи на текстот на новиот Закон за бесплатна правна помош. Предлозите на одредби се изработени од страна на Агрис Баталаускис,  експерт од Латвија, во рамки на Твининг проектот за Зајакнување на владеење на правото со посебен фокус на бесплатната правна помош и пристап до правда.

Предлозите, меѓудругото, се резултат на низата состаноци кои ескпертот ги одржа со Македонско здружение на млади правници, како здружение со долгогодишно искуство и овластување за обезбедување на бесплатна правна помош. 

Како членови на работната група, освен претставници од главните сектори на Министерството, се и судии од Основен суд Скопје 2 Скопје, Министерство за труд и социјална политика и Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, Министерство за внатрешни работи, Адвокатска комора на РМ и Македонско здружение на млади правници.

На состанокот повторно се истакна потребата од донесување на комплетно нов закон поради бројноста на даватели на правна помош во Македонија, потребата од воспоставување на јасни постапки и јасни прецизни рокови, воспоставување на функционален систем во кој секоја од засегнатите страни точно ќе ја знае нејзината улога, како и потребата од обезбедување на правна помош секому кому му е навистина потребна, а не само за оние кои немаат можност да си ја дозволат.