25.05.2016 СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Македонското здружение на млади правници јавно изразува несогласување и револт врз основа на објавените написи и прилози на порталите Нетпрес и Курир,телевизиите Сител и Нова Тв, и весникот Вечер, во кои на неморален и непрофесионален начин се врши атак врз здружението и вработените во него, влучително и неговите партнери, со изнесување на неточни тврдења дека здружението е соросоидна организација која инкасирала пари на своите вработени и определени јавни личности за учество на протести. Пласираните информации и контекстот во кој тие се претставени укажуваат на новинарска непрофесионалност, непознавање на состојбите и фактите, како и нивно извртување со цел да се прикаже невистинита слика за работата на МЗМП.

МЗМП повеќе од 13 години принципиелно работи со визија и законска обврска на професионална, непартиска и непрофитна организација која континуирано гради вредности втемелени врз системот и државноста на Република Македонија. Врз основа на овие принципи, МЗМП ниту дала, ниту пак ќе дава поддршка на било која политичка партија во иднина .

МЗМП силно се залага и работи на образување на младите правници во Република Македонија, на заштитата на човековите права и слободи, и на владеењето на правото. Горди сме на повеќе од 1.500 млади правници кои поминале обуки организирани од страна на здружението, дел од кои денес се меѓу најдобрите адвокати и правници во Република Македонија, како и такви коишто работеле и работат во голем број меѓународни институции меѓу кои и Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

Здружението има спроведено повеќе од 20 проекти поддржани од странски донатори, чии што финансии подлежат на редовни финасиски ревизии и се уредно вбележани во соодветните институции. Овие проекти никогаш не биле финансирани од буџетот на РМ, што е политика на здруженето од основањето па до денес, додека пак сите донатори и партнери на МЗМП се објавени на нашата вебстрана.

МЗМП е организација во која имаат стекнато доверба голем број државни институции и се позиционира како конструктивен партнер во заедничкото изнаоѓање решенија за подобрување на состојбата на најранливите категории на граѓани во Република Македонија. Нашата работа врши директно влијание врз подобрувањето и зацврснувањето на правниот систем во државата. Правниците од МЗМП придонесоа да се донесе првиот Закон за бесплатна правна помош во РМ, го добија првиот случај во историјата на РМ со кој се утврдува дискриминација, за потоа да следат уште добиени случаи од полето на дискриминацијата, како и многу други правни битки кои се од суштествено значење за граѓаните на РМ.

Понатаму, здружението повеќе години соработува и гради партнерски односи со голем број македонски невладини организации, и тоа на проекти за бесплатна правна помош, слободен пристап до информации од јавен карактер и проекти од областа на азилот и привремената заштита. МЗМП е регионален лидер во професионалната подготвеност во полето на азилот и мигрантите и макотрпно работи рамо до рамо со државата во справувањето со предизвиците од бегалската криза.

Македонското здружение на млади правници бара од порталите Нетпрес и Курир,телевизиите Сител и Нова Тв, и весникот Вечер, јавно да се извинат за лажните наводи изнесени против Македонското здружение на млади правници, а воедно и за повреда на честа и угледот на вработените на здружението.

Македонското здружение на млади правници останува докрај посветено во својата работа, инкорпорирана во латинската максима CUPIDA LEGUM IUVENTUS!