Каде завршува слободата на изразување, а каде започнува говорот на омраза?

Проектот на УСАИД за заштита на човековите прaва спроведуван од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) организираше правно советување на тема ,,Каде завршува слободата на изразување, а каде започнува говорот на омраза?“. Настанот  се одржа на 28 септември 2016 година, во ГЕМ клуб (Менада) во Скопје. Советувањето беше од отворен карактер и беше наменето за адвокати и претставници на граѓански организации.  Цел на советувањето е  учесниците да препознаат каде се наоѓа тенката линија помеѓу уставно загарантираната слобода на изразување од една страна и говорот на омраза од друга страна.

dsc_1268

Гоце Коцевски, од Проектот на УСАИД за заштита на човековите права кој го спроведува МЗМП, го отвори настанот и даде воведно обраќање на темата. Адвокатот Лазар Сандев презентираше избор на пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) кои се однесуваат на говорот на омраза. За распространетоста на говорот на омраза во РМ и активностите кои се преземаат за превенција говореше Зорица Стаменковска, претставник од Агенцијата за спорт и млади на Република Македонија.

dsc_1285На советувањето учесниците имаа можност да се запознаат со критериумите кои судот во повеќе одлуки ги дефинира и појаснува и врз чија основа се цени во кој случај одреден јавен говор подлежи на заштита врз основа на слободата на изразување, а кога пак се работи за говор на омраза кој како таков не е заштитен. Запознавањето со овие критериуми е од исклучителна важност за правилно препознавање на говорот на омраза. 

Учесниците поставуваа многу прашања и се разви динамична дискусија која дотолку повеќе ја потврди потребата за покревање на дискусија на повисоко ниво за прашањето на говорот на омраза .