Одржан состанок со Министерство за правда

На 28 јули 2016 година претставници на Македонското здружение на млади правници одржаа состанок со претставници од Министерството за правда. Целта на овој состанок беше да се продискутираат наодите и препораките на здружението од неговата досегашна работа која е поврзана со надлежностите на министерството. Посебен дел од состанокот беше посветен на начините и модалитетите за зацврстување на соработката помеѓу двете страни.

 Државниот систем за бесплатна правна помош и спречувањето на без државјанството се двете точки каде Македонско здружение на млади правници и Министерство за правда би можеле да ги спојат своите мандати, познавања и надлежности. МЗМП, преку своите претставници ја презентираше целата досегашна работа и својот труд кој го има посветено за изработка на наоди, анализи и извештаи во врска со генералниот пристап до правда, и посебно во однос на Законот за бесплатна правна помош. Исто така, ги презентираше и своите препораки дадени како дел од своето досегашно учество во работното тело за поставување на рамката на Стратегијата за реформи во правосудството 2016-2020, процес воден од страна на односното Министерство. Дополнително, се презентираа и наодите од последната десетмесечна работа на МЗМП, а поврзана со бесплатната правна помош која им стои на располагање на лицата баратели на азил. За тие цели, на состанокот со Министерството беа споделени два документи за јавна политика кои се однесуваат на препораките за генерално подобрување на државниот систем за бесплатна правна помош и препораки за подобрување на пристапот до правда за барателите на азил. Исто така, беа споделени и коментарите на Законот за бесплатна правна помош како и предлог текст во работна фаза за негово подобрување.

Бездржавјанството кое владее во нашата држава, исто така беше дискутирано во помал обем, а притоа се наметна заеднички став дека заедничка соработка е потребна и во таа насока.