Мислење во врска со измените на Законот за азил и привремена заштита од април 2016 година

Собранието на Република Македонија во април 2016 година усвои измени на Законот за азил и привремена заштита. Измените беа објавени во Службен весник 71/2016 на Република Македонија на 11 април 2016 година. Македонското здружение на млади правници цени дека овие измени значително ќе ја намалат заштитата која Република Македонија им ја пружа на барателите на азил и ќе им ги ускрати човековите права загарантирани со Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите Нации. Загрижени од можното кршење на правата на барателите на азил и бегалците го претставуваме ова мислење со детална анализа на проблемите што произлегуваат од секој изменет член.