Втора обука за адвокати и правници од невладин сектор

На 24ти и 25ти Март 2016 година, во Хотел Гардениа, Велес, Македонско здружение на млади правници ја одржа втората обука за адвокати и правници од невладин сектор, во рамки на проектот „Подобрување на заштитата на правата и услугите на мигрантите и барателите на азил во Македонија“. Обуката беше предвидена како напредна обука за усовршување на вештините на адвокатите и правници при дадена ситуација на застапување на баратели на азил, наоѓајќи се во улога на полномошници во постапката за признавање право на азил. Ангажиран обучувач од страна на проектот беше Маја Каланоска, консултант за бегалски и миграциони прашања.

Обуката ги опфати подеталните елементи на разграничување на термините кои се употребуваат во постапката, со компаративна разработка на Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 и Протоколот од 1967, Европска конвенција за човекови права и националниот Закон за азил и привремена заштита, како и термините кои овие акти ги познаваат. Бидејќи целиот концепт на обуката беше од напреден тип и целта беше да се усовршат стекнатите способности од првата обука, на оваа обука беа споделени практични искуства за користење на техники за подготвување при спроведување разговор на релација полномошник—барател на азил, испитување на моменталната состојба во матичната држава на барателот, улогата и изборот на преведувачот преку кој ќе се одржува разговорот, поставувањето на полномошникот за време на разговорот на релација барател на азил—инспектор за азил, како и техниките во врска со улогата на полномошникот во периодот кој настапува после спроведување на разговорот, односно фазата на изработка на завршни зборови.

Од студиите на случај, под водство на ангажираниот обучувач, беа спроведени посебни вежби адаптирани на различни профили на учесниците и начините на кои истите би можеле во иднина да ја обезбедат и овозможат бесплатната правна помош во постапката за признавање правото на азил. Како последно, но не и најмалку битно, со учесниците беше споделена и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во однос на случаи на баратели на азил и бегалци, со примена на член 3 од Конвенцијата во постапките за азил.