Извештај на Амнести Интернешанал – Повреди на правата на бегалците и мигрантите во Македонија, Србија и Унгарија

После двете посети кои ги направи Амнести Интернешанал во Македонија на кои беа спроведени интервјуа со мигранти што биле затварани во претходниот период, баратели на азил, а воедно и по состаноците направени со УНХЦР, Делегацијата на ЕУ во Македонија и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), вчера (2015/07/07) е издаден нивниот извештај во кој се наведува дека постојат повеќе наводи кои упатуваат на прекршување на правата на бегалците и мигрантите во Македонија, Србија и Унгарија.

Во својот извештај, Амнести Интернешанал наведува дека во Македонија бегалците и мигрантите се често произволно затварани во нечовечки и понижувачки услови во Прифатниот центар за странци (Гази Баба) во главниот град Скопје, каде се најчесто незаконито лишени од слобода, и се држат како сведоци во судски процес поведен против криумчарите. Во Србија, и покрај забраната за притварање на баратели на азил и бегалци, тие редовно се притворени за нелегален влез и престој во државата. Во Унгарија бегалците и мигрантите кои влегуваат во земјата може да бидат предмет на незаконско малтретирање, особено при нивното првично притварање; Понатаму, во Унгарија до 40% од барателите на азил кои се од машки пол можат да бидат притворени додека трае и целата постапка за азил.

Дополнително, во своите препораки до надлежните органи, Амнести Интернешанал ја повика Србија и Македонија да преземе итни мерки за почитување на правата на бегалците во целокупниот процес на постапката за азил, кој е потребно да се спроведува без одлагање, односно во согласност со роковите пропишани со законот.