Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

ПРВА ПРЕСУДА КАДЕ СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО ОСНОВ НА МЕНТАЛНА И ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ – ОСНОВЕН СУД ДЕЛЧЕВО

Основниот суд Делчево утврди дискриминација по основ на ментална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со ментална и телесна попреченост.

Скопје, 25.03.2015

Македонското здружение на млади правници информира дека Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Судот покрај тоа што утврдил дискриминација поради пропуштање да се преземат дејствија (изградба на тротоар и рабници), го задолжил тужениот – Општина Делчево да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, преку изградба на тротоар и рабници согласно техничките стандарди за пристапност на тужителот како лице со посебни потреби.  Судот го задолжил тужениот да му надомести на тужителот нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки.

Судот го применил член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој се забранува секоја директна или индиректна дискриминација врз основа на… ментална и телесна попреченост…, како и член 6 од законот со кој се дефинира што е директна и индиректна дискриминација. Судот се повикал и на член 4 од истиот закон согласно кој Законот се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа и правни лица со јавни овластувања. Според судот, сторена е дискриминација на тужителот врз основа на ментална и телесна попреченост, што довело до нарушување и ограничување на уживање на основните човекови права и слободи. Оваа пресуда е од особено значење, со оглед на фактот дека е прва пресуда каде Основниот суд Делчево утврдува дискриминација со директна примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и прва пресуда во Република Македонија со која се утврдува дискриминација по основ на телесна и ментална попреченост, сторена со пропуштање да се преземат дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на добра и услуги на лице со посебни потреби.

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Основниот суд Делчево. 

Правната помош и застапувањето е обезбедено од Македонското здружение на млади правници МЗМП во рамките на активностите за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Јасна Аранѓеловиќ и Бојан Ѓуровски, членови на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.