Во сабота, 20 декември 2014 г. Проектот на УСАИД за заштита на човекови права ја организираше првата основна обука (Ден 1 ) од својата програма Обука за обучувачи во областа на човековите права. Првата целодневна основна обука се одржа во хотелот ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје.
Триесет и три (33) учесници, искусни адвокати и правници, од шест градови од земјава, зедоа учество во обуката и имаа можност да го продлабочат знаењето како и вештините од областа на заштита на човековите права.
Првата основна обука опфати теми како што се национални вонсудски механизми за заштита на човековите права, како и улогата на судовите во обезбедување на ефикасна заштита на човековите права, при што особено беше истакната круцијалната улога што ја имаат адвокатите/правниците.
Дел од обуката беше посветен на развивање на вештините на учесниците понатаму да го предаваат стекнатото знаење на млади правни професионалци и да застапуваат жртви на повреди на основни човекови права пред судовите.
Обуката за обучувачи во областа на човековите права е програма која содржи две (2) основни и две (2) напредни обуки за над триесет адвокати и правници кои се активни во областа на заштита на човекови права, и се избрани да го формираат таканаречениот Тим на адвокати/правници за човекови права. Оваа програма има за цел да ги обучи и охрабри адвокатите и младите правни професионалци да ја интегрираат правната рамка за човековите права во нивните секојдневни професионални ангажмани пред судиите, држaвните органи и креатори на политики, со што ќе го подобрат разбирањето за принципите на човековите права во домашниот правен систем.
Втората основна обука е закажана за сабота, 24ти јануари 2015 година.