ДОНЕСЕНА Е ВТОРАТА ПРЕСУДА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА (ПРВА ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ)

Основниот суд Скопје 2 Скопје утврди дискриминација по основ на виктимизација и повреда на правото на еднаков третман на тужителот кој трпел штетни последици поради преземање на одредени активности за заштита од дискриминација.

Скопје, 07 Август 2014 година

Македонското здружение на млади правници -МЗМП информира дека Основниот суд Скопје 2 Скопје, врз основа на постапка поддржана од МЗМП, ја донесе и втората пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, прва од областа на работните односи.

 

Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост и дискриминација по основ на виктимизација, во однос на остварување на правата од работен однос поради неисплаќање на плата и уплата на придонеси. Судот го задолжи работодавачот (тужениот) да му овозможи на тужителот да ги оствари правата од работен однос и во иднина да се воздржи од преземање на дејствија со кои се крши правото на тужителот на еднаков третман загарантирано со Законот за за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.

Судот утврдил дека тужителот е вработен кај тужениот по одлука на правното лице од кое се финансира тужениот. Одлуката на правното лице од кое се финансира тужениот била донесена по поведување на судски спор од страна на тужителот поради претходна одлука за престанок на работниот однос која била поништена и тужителот бил вратен на работа и префрлен кај тужениот.

По враќање на работа тужениот како работодавач му ги повредил правата од работен однос на тужителот со тоа што на му исплаќал плата и не ги уплаќал придонесите. По поднесување на претставка до Комисијата за заштита од дискриминација од страна на тужителот, тој трпел штетни последици заради преземање на активности за заштита од дискриминација. Законскиот застапник на тужениот поради тоа не бара од правното лице кое го финансира да се префрлат средства за исплата на плати кај тужениот. На тој начин е извршена повреда на членот 4, 6 и 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Согласно членот 6 точка 4 од Законот, дискриминаторско однесување е секое активно или пасивно однесување на секое правно лице кое создава основи за депривилигирање на некое лице на неоправдан начин….. Согласно член 10 од истиот Закон дискриминација претставува и неповолното однесување кон едно лице, трепење на штетни последици заради тоа што презело активности за заштита од дискриминација. Согласно Законот за работните односи забраната за дискриминација се однесува и на работникот и директна дискриминација претставува ставање на едно лице во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи. Согласно истиот закон дискриминацијата кај работодавачот е забранета во однос на условите за работење и сите права од работен однос вклучувајќи и еднаквост на плати. Оваа пресуда е особено важна поради фактот што со одлуката се утврдува дискриминација по основ на виктимизација од областа на работните односи а согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, при што за прв пат во Република Македонија се врши директна примена на законот во областа на работните односи.

Особено е значајно што дискриминацијата е утврдена по основ на нееднаков третман и виктимизација, односно ставање во неповолна положба на вработениот поради преземање на активности за заштита од дискриминација од негова страна. Многу често работниците не преземаат активности за да ги заштитат или остварат своите права токму поради фактот да не бидат виктимизирани односно да не се доведат во уште понеповолна положба.

Правната помош и застапувањето е обезбедено од Македонското здружение на млади правници МЗМП во рамките на своите активности за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Јасна Аранѓеловиќ, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници МЗМП.

Македонското здружение на млади правници МЗМП ја поздравува и ова одлука и во иднина ќе продолжи да работи во областа на заштитата на човековите слободи и права и принципот на владеење на правото.