Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Соопштение 29.05.2014

ДОНЕСЕНА Е ПРВАТА ПРЕСУДА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Основниот суд Скопје 2 Скопје утврди повреда на правото на еднаквост во праксата на граничните служби да го ограничуваат правото на определени категории на граѓани да ја напуштат територијата на Република Македонија под (не)оправдано сомнение дека се работи за лажни баратели на азил.

Скопје, 28 Мај 2014 година

Македонското здружение на млади правници -МЗМП информира дека Основниот суд Скопје 2 Скопје,врз основа на постапка поддржана од МЗМП,ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација[1]. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост.  Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на Р.М постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија.

Оваа пресуда е мошне важна за владеењето на правото во Р.М од две причини. Првата е тоа што ова е прва судска одлука која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а втората причина е што во судската постапка се утврдува се поприсутната неправична пракса на граничните служби да се ограничува слободата на движење на цела група граѓани на Република Македонија поради неоправданата претпоставка дека ќе го злоупотребат визниот режим со тоа што ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ.

Тужителот во Јуни 2013 година, патувајќи заедно со неговото семејство на свадба на близок роднина во Италија, на граничниот премин Табановце од страна на граничните служби бил спречен да ја напушти територијата на РМ, без никакво посебно образложение. Истиот во себе поседувал преведена и заверена потврда од општината каде е закажана свадбата и поседувал доволно парични средства за неколку дневен престој во земја од ЕУ (иако за излез од територијата на РМ не е потребно да се поседуваат никакви потврди и сл.). На тужителот, со печат во пасошот прецртан со две коси линии, му билo забрането да ја напушти територијата на Р.М. Според тужениот МВР на РМ, кај полицискиот службеник кој го сторил дејствието се јавило сомение дека тужителот и неговото семејство се лица кои се со намера да бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ. Согласно образложението на судот, службеното лице на МВР на РМ ако ја побарало на увид потврдата од општината каде се упатил тужителот, како и паричните средства кои ги поседувал истиот, и само ако внимателно слушал што му кажува тужителот, воопшто не би дошло до вакво нешто.  За службеното лице единствено било важно дека тужителот е припадник на ромската заедница и со самото тоа тој веќе влегува во групата на граѓани можни баратели на азил.

Имено, судот исто така утврди дека „не постои дилема дека државата има право заради постоење опасност да се наруши безвизниот режим, да превзема активности и мерки кои ќе доведат до тоа да се спречат граѓаните да ја поминуваат државната граница со цел да го злоупотребат безвизниот режим но тоа мора да се прави  на начин на кој што нема да се повреди еднаквоста на граѓаните“.Во конкретиот случај граничните служби го сториле спротивното со тоа што исклучиво врз основа на националната припадност на тужителот заклучиле дека истиот ќе го злоупотреби визниот режим со што сториле сериозна повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење.

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Основен суд Скопје 2 Скопје.

Правната помош и застапувањето е обезбедено од Македонското здружение на млади правници МЗМП во рамките на своите активности за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Бојан Ѓуровски, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници МЗМП.

 
_________________________________________________________________________________________________

[1]Закон за спречување и заштита од дискриминација објавен во Службен весник на РМ, бр. 50 од 13.04.2010.

Благој Давков,2/1/1, 1000 Скопје; телефон/факс: +3892 3220 870;  contact@myla.org.mk; www.myla.org.mk

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.