Меѓународен ден на Ромите

Денес, 8 април,  го одбележуваме Меѓународниот ден на Ромите преку славење на Ромската култура и придонес кон општеството како и покренување на свеста за тековните проблеми со кои се соочува Ромската популација низ светот. Денот на Ромите е официјално прогласен во 1990 во Серок, Полска каде се одржа четвртиот Светски конгрес на Ромите на Меѓународната ромска унија, во чест на првиот голем меѓународен собир на ромски претставници, 7-12 април 1971 во Челсфилд, близу Лондон.

Во сите земји на Западниот Балкан Ромите се сеуште една од најранливите социјални групи кои систематски се дискриминирани и маргинализирани, чии основни права се загрозени и  кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост.

МЗМП континуирано работи и на оваа проблематика, директно давајки бесплатна правна помош на лица од ромската популација, преку своите проекти.

Со проектот „Правна помош и застапување лица од интерес“ поддржан од УНХЦР на лицата под супсидијарна заштита од Косово од ромска националност им се обезбедува правна помош пред државните органи и надлежните судови во постапката за признавање на право на азил како и нивна интеграција во општеството.

Проектот „Превенција и намалување на бездржавјанствто“ им овозможува правна и финасиска помош на маргинализираните припадници на нашето општество .

Во оваа категогија на лица, најголемиот број се припадници на Ромската популација.

Најчест проблем на Ромите во Македонија е непоседувањето на лични документи т.е. проблемот со незапишани раѓања, кој пак проблем понатаму повлекува и повеќе други проблеми како на пр:  непоседување на здравствено осигурување, неможност за вработување, неможност за пристап до социјална помош, образование, вработување и др.

За потребите на проектот, МЗМП е во постојан контакт со припадниците на Ромската популација, како од Скопје така и од територијата на цела Македонија, каде со помош на Ромските информативни центри кои работат во  рамките  на Министерството за труд и социјална политика  излегува во пресрет на нивните проблеми и потреби, а кои се однесуваат на прибавување лична документација, регулирање на престој, запишување на деца во матичните книги на родените и добивање на Македонско државјанство.

На овој начин , МЗМП посебно се залага во решавање на најголемиот проблем со кој се соочуваат припадниците на Ромската  популација во Македонија  -проблемот на  Правно невидиливите лица т.е. лицата без  документација и граѓанско правен идентитет , како би добиле пристап до основните човекови  и уставно загарантирани права.

Од аспект на проектот „Борба против дискриминација преку стратешко застапување, зајакнување на улогата на граѓанските организации- проект на кој главната цел е да се придонесе во изградбата на ефикасен национален систем за заштита од дискриминација и нееднаков третман на граѓаните, го истакнуваме следново:

Предрасудите и погрешните перцепции за Ромите водат кон развивање на различни форми на стереотипи со кои се соочуваме во секојдневното наше живеење.

Тие предрасуди и стереотипи водат кон дискриминаторско постапување со кое се предизвикува нееднаков третман на одредено лице или пак одредена група.

Дискриминацијата која се врши кон ромската популација води кон маргинализација и дехуманизација иако Уставот на Република Македонија го издигнува начелото на еднаквост на сите граѓани на највисоко ниво. Ромите многу често се жртви на дискриминаторски третман особено во ситуации каде им се ограничува правото на еднаквост во користењето на добра и услуги. Многуте истражувања и анализи укажуваат дека оваа популација е особено ранлива и во образовниот процес. Најголемиот проблем се укажува на сеграгацијата на ромските деца во училиштата. Се надеваме дека во иднина ќе се преземат мерки за сузбивање на овие штетни појави особено кај младата популација како и надминување на предрасудите во меѓучовечките односи. А МЗМП како и досега неуморно ќе работи на тоа.

Среќен Меѓународен ден на Ромите!