СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Конференција „Правната професија во Република Македонија – предизвици, проблеми и перспективи“, 6 декември 2013 година, Хотел Холидеј Ин – Скопје

 

По повод десетгодишнината од своето основање, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) со поддршка од Проектот на УСАИД за јакнење на судството во РМ, организира Национална конференција на тема „Правната професија во Република Македонија“. Конференцијата ќе се одржи на 06 декември 2013 година во Хотелот Холидеј Ин во Скопје.

Цел на конференцијата е да придонесе кон отворање широка јавна дебата помеѓу стручната јавност во однос на реформите во правното образование кои се спроведоа или сéуште се спроведуваат, а кои суштински го променија начинот на студирање на правните факултети, како и начините на кои идните правници ќе влегуваат во некои од правните професии.

Правната професија во Република Македонија претрпи суштински реформи почнувајќи од образованието на идните правници со воведувањето на „Болоњскиот систем на студии“, основањето на Академијата за судии и јавни обвинители на Р.М, воведувањето на новите правнички професии (нотаријатот, медијацијата и извршителството), како и промена во начинот на полагање на правосудниот испит. Во истиот период се основаа повеќе државни и приватни правни факултети кои воспоставија конкурентност во високото правно образование.

Имајќи ја во предвид важноста на правничката професија во поглед на заштитата на принципот на владеење на правото, човековите права и слободи и демократските принципи, се јавува потребата од отворена јавна дебата која ќе даде одговор на прашањата дали и во која мера споменатите реформи придонесуваат кон зајакнување на правничките професии, и кое е влијанието на овие реформи врз младите и идните правници на кои ќе се потпира правосудниот систем на Р.М во следните 10 години. Конференцијата има за целразвивање на дискусија и споделување на ставови, мислења и анализи од страна на сите засегнати страни за состојбата, перспективите и насоките за развој и натамошно унапредување на правничката професија. На конференцијата се поканети и ќе учествуваат претставници на правните факултети во Р.М, Министерството за правда на Р.М, судската власт, коморските организации на адвокатите, нотарите,извршителитеи медијаторите како и релевантни стручни здруженија. 

Во прилог на поканата Ви доставуваме Дневен ред  за конференцијата. За дополнителни информации во врска со настанот, како и за организирање на обезбедување изјави Ве молиме контактирајте го г-дин Назиф Авди, navdi@myla.org.mk, 078/359-294.

За преглед на агендата кликнете тука.

Настанот е отворен за сите заинтересирани по претходно пријавување на учество на e-mail:aspasovska@myla.org.mk најдоцна до 4 Декември 2013 (среда) до 16:00 часот.

Ќе ни претставува особено задоволство доколку го збогатите овој настан со Вашето присуство.

 

Со почит,

Мартина Смилевска                                                                    

Претседател, МЗМП