Овластените здруженија за обезбедување претходна правна помош овозможуваат правна заштита на лицата жртви на семејно насилство

Овластените здруженија за обезбедување на претходна правна помош, искористувајќи ја можноста предвидена со Законот за бесплатна правна помош обезбедуваат правна информации за заштита на жртвите на семејното насилство.

19 Ноември 2013 година

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Овластените здруженија за обезбедување претходна правна помош

овозможуваат правна заштита на лицата жртви на семејно насилство 

 

До Македонското здружение на млади правници (МЗМП) се почесто се обраќаат лица жртви на семејно наслиство заради заштита од насилството и преземање на соодветни мерки против сторителот. МЗМП е дел однеформалната мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош[1] и го користи Законот за бесплатна правна помош и веќе воспоставениот систем на бесплатна правна помош, за да им помогне на жртвите да обезбедат основни правни информации за начините на кои може да се заштитат од насилството и им овозможува правна помош во комплетирањето на барањето за бесплатна правна помош.  

Во изминатиот период, МЗМП овозможи на лице, долгогодишна жртва на физичко и психичко насилство, со сериозни здравствени проблеми како последица од насилството да се стекне со право на бесплатна правна помош. МЗМП го комплетираше барањето за бесплатна правна помош и ѝ помогна на жртвата да го испрати до Министерството за правда. Со одобрувањето на бесплатната правна помош, Министерството за правда на жртвата ѝ овозможи адвокат, кој бесплатно ќе и обезбеди правна помош во судските постапки за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилиство, за развод на брак и за вршење на родителските права над малолетните деца.Како резултат на обезбедената правна помош жртвата „излезе“ од брачната заедница, беше згрижена и започна со лекување, а против сторителот се преземени соодветни мерки. 

Овластените здруженија, искористувајќи го Законот за бесплатна правна помош се значајна алка во системот, односно придонесуваат во информирањето на граѓаните за начините на заштита, како и помагаат при поднесувањето на барања за бесплатна правна помош. Овие здруженија покрај овластувањето располагаат и со капацитет за обезбедување на стручна правна помош, а во исто време ја имаат сензитивноста на граѓанските организаци што ги прави погодни за борба против семејното насилство. 

Сепак, потенцираме дека се уште постои невоедначен начин за утврдување на статусот дали едно лице е жртва. Исто така, не се за потценување и проблемите со кои жртвите на семејно насилство се соочуваат при остварувањето на право на бесплатна правна помош, а се однесуваат на строгите законски критериуми за имотната состојба како и премногу долгата постапка, со што се оневозможува пристапот до правдата. Неопходно е надминување на овие проблеми со идни законски измени што значително ќе ја подобри правната заштита на жртвите на семејно насилство.

Гоце Коцевски, Македонско здружение на млади правници

Тел. 02/3220-870; Е-маил: gkocevski@myla.org.mk

[1] Македонско здружение на млади правници-Скопје, Младински културен центар-Битола, Национален ромски центар-Куманово, РОМА С.О.С.-Прилеп, Избор-Струмица и ЕХО-Штип