Соопштение 30.8.2013

Мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош

Потребна е воедначена примена на Законот за бесплатна правна помош

Со цел граѓаните да имаат пристап до правдата, неформалната мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош[1] бара од Министерството за правда за сите баратели воедначено да го применува Законот за бесплатна правна помош (Законот), како и да ги почитува веќе дадените упатства од Управниот суд во предметите со кои се решава правото на бесплатна правна помош.

Во изминативе две години преку својата работа со барателите на бесплатна правна помош, Младински културен центар – Битола (МКЦ) се соочи со различна пракса на Министерството за правда (МП) и нееднаков третман на барателите на бесплатна правна помош. Имено, МП одлучувајќи по барањата поднесени во име на барателите од страна на МКЦ оваа година во кои се бара правна помош во постапка за развод на брак, донесе различни решенија.  Од една страна, за поздравување е исчекорот на МП кое одобри[2] бесплатна правна помош  за лице, регистрирана жртва на семејно насилство, во постапка на развод на брак иако не е корисник на социјална парична помош (услов кој е потребен согласно Законот). Исто така МП одобри[3]  бесплатна правна помош во посатапка за развод на брак на лице кое не е регистрирано како жртва на семејно насилство и не екорисник на социјална помош.

Но од друга страна, МП мора да внимава и со своите постапки да не ги става во понеповолна ситуација граѓаните кои се невработени, па така спротивно на претходно спомнатата позитивната пракса, министерството одби[4]барање за бесплатна правна помош на невработено лице во постапка за развод на брак, а притоа е родител на три малолетни деца со кои живее во исто семејно домаќинство, бидејќи според МП постапката за развод на брак не е постапка во која може да се одобри бесплатна правна помош. Дополнително, спротивно на одобрените барања, МП одби[5] барање за бесплатна правна помош на лице родител на две малолетни деца, со идентично образложение дека  постапка за развод на брак е правно прашање кое не е опфатено во Законот за бесплатна правна помош.

Со одбиените барања МП постапи спротивно на дадените насоки од Управниот суд[6]со кои се укажува декабесплатна правна помош треба да се одобри во постапките во кои се разведува брак во кој има малолетни деца, и во кои судот треба да одлучува за вршењето на родителските права и должности, како и за издршката и воспитувањето на малолетните  деца.

[1] Македонско здружение на млади правници-Скопје, Младински културен центар-Битола, Национален ромски центар-Куманово, РОМА С.О.С.-Прилеп, Избор-Струмица и ЕХО-Штип

[2]Решение УП 1.Бр. 11 – 861 /2 од 07.08.2013 год.

[3] Решение УП 1 Бр. 11 – 730 /2 од 21.08.2013 год

[4]Решение УП 1 Бр. 11 -728 од 29.07.2013 год.

[5]Решение УП1. Бр. 11–863/2 од 07.08.2013 год.

[6] Одлука на Управен суд на РМ У-5 бр. 29/12од 20.09.2012 година

 

Заради ова овластените здруженија за бесплатна правна помош бараат од МП во иднина воедначено да го применува Законот за бесплатна правна помош со цел на сите граѓани да им овозможи еднаков пристап до правда.

Скопје, 30 август 2013 година