Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Соопштение за ноември 2012

Непостоењето на соодветен систем за санкционирање на имателите на информации ги прави неодговорни во почитувањето на законските обврски
Целта на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер донесен пред седум години, беше пред сe овозможување на пристап на граѓаните и другите лица до информациите кои ги создаваат државните органи при својата работа, а кои се од јавен интерес. Но, и по седумгодишната примена, некои државни институции не ја сфатија сериозно правната обврска која произлегува од овој закон, ниту пак одговорноста која би ја сносиле доколку не одговорат на поднесеното барање.

 

Таквиот однос на дел од институциите произлегува од непостоењето на соодветен систем за санкционирање на неодговорните иматели на информации од јавен карактер. Единствен начин да се казнат имателите на информации кои одбегнуваат да дадат одговор на барањата во законски предвидениот рок е поведување на прекршочна постапка пред прекршочните судови. Но, непостоење на пракса за поведување на прекршочни постапки им дава сигурност и поголема удобност на имателите на информации, пред се државните органи, кога не одговараат на законските обврски. Истите не чувствуваат никаква опасност односно можност да бидат казнети.

Едно од барањата кое го упати МЗМП до Секретаријатот  за спроведување на Рамковниот договор, а се однесуваше на информација која беше потребна за реализирање на тековните активности на здружението, служи како пример и поткрепа на она што беше констатирано погоре. Оваа институција не одговори на барањето во законски предвидениот рок, а по поднесената жалба до Комисијата и донесеното Решение со кое се уважува жалбата и се задолжува Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор да ја достави бараната информација, повторно молк од оваа институција. На располагање остана можноста да се поднесе барање до Комисијата за поведување на прекршочна постапка. Од овде неминовно се наметнува прашањето – која е целта да се води спор, ако информацијата која се барала од имателите не е навремено достапна, а истата била потребана за тековното работење на барателот? И како ќе се направи оваа институција поодговорна во иднина ако не се казни?

И покрај големиот број на жалби упатени до Комисијата, до ноември 2012 година воопшто не се поведени прекршочни постапки, а тоа дополнително укажува дека поради непостоење на пракса за санкционирање на неодговорните иматели на информации, истите се комотни и не чувствуваат потреба да бидат исполнителни.

Целта при донесување на Законот за слободен пристап беше државните органи како иматели на информации да служат како сервис на граѓаните, а истите требаше да го разберат ова како одговорност со што би се зајакнала довербата меѓу граѓаните и јавните институции. Но, од многубројните примери, произлегува заклучокот дека недостасува одговорност, а санкционирањето на неодговорноста е речиси незабележителна.

Овој Извештај за ноември 2012г., е еден од месечните извештаи за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија, преку кои Македонското здружение на млади правници и Фондацијата отворено општество – Македонија во рамките на проектот „Остварување на правото на пристап до информациите со обезбедување правна помош и стратешко застапување“, Ве информираат за состојбата во остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Сите досегашни постапки за остварување на правото за слободен пристап можете да ги најдете на www.spinfo.org.mk во рубриката „случаи“.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.