Anti-discrimination
Дискриминација претставува секое постапување што предизвикува нееднаков третман, кое не е легитимно и пропорционално основано, на начин што одредено лице или пак одредена група се исклучува, ограничува или пак се дава предност во уживање на основните права и слободни засновани врз одредени лични обележја (дискриминаторски основи).
Нашите активности
Македонското здружение на млади правници во областа на заштита од дискриминација активно работи од 2009 година. Првично, со изготвување извештај за потребата од донесување на Законот за заштита од дискриминација, а по донесување на истиот обезбедување на правна помош и градење на позитивна пракса заснована на стратешко застапување на потенцијалните жртви од дискриминација пред надлежните судски органи и активности за подигнување на јавната свест.
Во 2014 година Македонското здружение на млади правници ја доби првата судска одлука во државата која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Истата година МЗМП ја доби и втората пресуда во државата со која се утврдува дискриминација а која е прва од областа на работните односи.
МЗМП беше активен член во работната група за изготвување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и на наше големо задоволство сите препораки беа вклучени во новото законско решение кое се донесе во 2019 година.
Активностите на МЗМП се поделени во следниве категории:
Бесплатна правна помош
МЗМП нуди бесплатна правна помош и застапување на жртви на дискриминација пред надлежните институции, судови и меѓународни тела. Со помош на здружението се поведоа повеќе од 70 постапки. Оваа активност придонесува да се воспостави пракса во институциите и судовите за заштита на повреда на правата настанати како последица на дискриминација. МЗМП преку стратешкото застапување ги охрабрува и им помага на граѓаните да пријават дискриминација и преземат мерки до надлежните домашни и меѓународни институции и судски органи за заштита од дискриминација.
Постапките се однесуваат на дискриминација во различни области и по различни основи согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, други закони и Европската конвенција за заштита на човековите права.
Позначајни пресуди:
28.05.2014 година
Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост. Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од Уставот на Република Македонија.
07.08.2014 година
Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од МЗМП, ја донесе и втората пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, прва од областа на работните односи. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост и дискриминација по основ на виктимизација, во однос на остварување на правата од работен однос поради неисплаќање на плата и уплата на придонеси.
25.03.2015 година
Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на интелектуална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со интелектуална и телесна попреченост.
07.07.2016 година
Управниот суд Скопје донесе Пресуда со која се уважува тужбата на тужителот и се поништува Решение на Министерството за правда, кој како второстепен орган го потврдил решението на Управата за водење на матичните книги и го одбил тужителот за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.
27.02.2018 година
Основниот суд Скопје II Скопје, донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи. Оваа пресуда е прва со која се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност во работните односи.
15.05.2018 година
Основниот суд Скопје II Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Општина како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работата и работните односи. Со пресудата се забранува преземање на понатамошни дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација.
02.11.2018 година
Апелациониот суд Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува повреда на правото на тужителката на еднаква можност и третман со вршење на дискриминација по основ на родителство – бременост. Апелациониот суд Скопје, ја потврди Пресудата на Основниот суд Куманово, со која се утврдува дека тужените го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и третман, односно извршиле дискриминација по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно родителство – бременост.
13.12.2019 година
Апелациониот суд Битола донесе пресуда со која утврди дека Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација Прилеп извршиле дискриминација спрема тужителите, со тоа што не им овозможиле пристап до чиста и здрава вода за пиење. Според Судот, тужените, Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација, не успеале да докажат дека не извршиле дискриминација, и поради тоа ја усвоил тужбата. Со ова Судот непосредно и правилно го применил правилото според кое товарот на докажување дали постои или не дискриминација е на страната на тужените, не на тужителите.
Истражувања и политики
МЗМП активно работи на истражување за правната заштита од дискриминација во Република Северна Македонија со прибирање на информации од институциите за тоа како се применуваат законските решенија и механизмите за заштита од дискриминација кои им се на располагање на граѓаните, односно жртвите на дискриминација. Здружението изготвува различни анализи на проблемите со посочување на начини на решавање на истите и студии на случаи на предмети за заштита од дискриминација.
Анализите и правните мислења од областа на заштита од дискриминација се достапни на следниов линк
- Анализа на механизмите за спречување и заштита од дискриминација во Република Македонија, 2012 година.
- Анализа за стратешко водење на предмети во судска постапка од областа на дискриминација, 2014 година.
- Правно мислење за уставноста и законитоста на спречувањето да се напушти територијата на РМ на лица државјани на РМ поради постоење на сомневање за злоупотреба на безвизниот режим меѓу РМ и државите од Шенген зоната 2015 година
- Анализа на донесеното мислење од страна на Комисијата за заштита од дискриминација во случајот со користењето на навредлив и омаловажувачки говор во наставно помагало (скрипта) кое се користи на Филозофскиот факултет во Скопје, 2015 година.
- Годишен извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија, Септември 2014 – Декември 2015
- Правно мислење за нееднаквото постапување и дискриминација во работните односи кон жените поради бременост, родителство и мајчинство во Република Македонија 2016 година
- ПРИСТАП НА ЖЕНИТЕ ДО ПРАВДА, Август 2016 година
- Анализа на случаи од стратешко застапување, 2016 година.
- Годишен извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија за 2016 година
- Годишен извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Македонија за 2017 година
- Годишен извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Македонија за 2018 година
- Годишен извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Македонија за 2019 година
Правни тренинзи
МЗМП, постојано одржува обуки од областа на заштита од дискриминацијата за правници и практичари во Република Северна Македонија ставајќи посебен акцент на меѓународните трендови и Европската конвенција за човековите права. Во изминатите години одржавме обуки за голем број на адвокати и млади правници. МЗМП во соработка со Македонски полициски синдикат одржа и низа обука на членовите на синдикатот а се со цел зголемување на сензитивноста меѓу полициските службеници за прашањата кои се однесуваат на еднаквоста како основно право.
Спроведени проекти:
Year | Project title | Donor |
Jan 2018 – Dec 2020 | Equality and access to justice for all citizens | Open Society Institute (OSI), London |
Dec 2015 – Noe 2017 | Raise your voice for discriminaton free society | Open Society Institute (OSI), Budapest |
Oct 2014 – Nov 2015 | Human rights protection of marginalized groups in Macedonia | Open Society Institute (OSI), Budapest |
Oct 2014 – June2015 | Discrimination at the borders | The European Roma Rights Center, Budapest |
Sep 2012 – Aug 2015 | Combating Discrimination through Strategic Litigation inMacedonia – Strengthening the role of the CSOs
|
Open Society Institute (OSI), Budapest |
Sep 2012 – Sep 2013 | Аction against discrimination | Foundation Open Society – Macedonia (FOSM) |
Oct 2010 – Nov 2011 | Discriination Through Strategic Litigation in Macedonia | Civil Rights Defenders |
Nov 2009 – Nov 2010 | Capacity Building Training Program on Non-Discrimination | Civil Rights Defenders |