МЗМП правната помош ја обезбедува пред сe за да овозможи остварување и заштита на право на лицето. Но покрај заштитата на индивидуалните права, МЗМП преку стратешко застапување има за цел да предизвика и поширока општествена промена особено кога се работи за одредени системски проблеми кои засегааат поголем број лица.

Со обезбедување правна помош во стратешки случаи, МЗМП се стреми кон воспоставување позитивна пракса за стекнување и заштита на човековите права, зајакнување на системот за азил или укажување на потребата од промена на одредени прописи или постапување.

МЗМП вложува напори за постојано зајакнување на капацитетите на своите вработени и соработници како и на внатрешните процедури и политики. Правната помош обезбедена од страна на организацијата подлежи на строг систем на контрола на квалитет и целосно почитување на општо прифатените принципи при давање на правна помош.

МЗМП во следниот период ќе работи на интегрирање на поединечните проекти и активности кои вклучуваат правна помош во една кохерентна програма за правна помош и стратешко застапување со цел да се зголеми ефикасноста на правната помош.

 

МЗМП со цел да осигура високо ниво на стручност и професионалност во обезбедувањето на правната помош вклучува голем број на адвокати од речиси сите региони во државата. Како посебно се издвојуваат следниве два тима на адвокати кои обезбедуваат правна помош во однос на прашања поврзани со азилот и миграциите:

SLAG (Strategic Litigation Asylum Group) – Групата за стратешко застапување на предмети во областа на азилот е формирана со цел да идентификува и стратешки да застапува предмети во областа на азилот кои имаат потенцијал да ги променат системските практики кои ги повредуваат националните и меѓународните стандарди за заштита на бегалците. Групата се состои од искусни адвокати во областа на азилот кои застапуваат случаи пред националните судови и пред Европскиот суд за човекови права. Во 2017 година, групата е составена од 6 адвокати и едно адвокатско друштво.

„Antenna Lawyers“ Network – Мрежата на „Антена адвокати“ ја сочинуваат пет адвокати од различни региони во Македонија (Гевгелија, Битола, Кавадарци, Струмица и Куманово) кои ги следат миграциските движења, пристапот до територија и примената на принципот на невраќање (non-refoulement) од страна на државата.