Македонското здружение на млади правници обезбедува бесплатна правна помош како дел од клучните активности на организацијата.

Правната помош се обезбедува во поединечни случаи кои директно се поврзани со заштитата на човековите права, владеењето на правото и развојот на граѓанското општество.

Набљудувано поединечно, правната помош МЗМП ја обезбедува во следните случаи и облици:

• Претходна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош која е наменета за сиромашни и останати ранливи категории граѓани и вклучува само информирање, советување, насочување и помош при поднесувањето на барањата за бесплатна правна помош;

• Правно советување и стратешко застапување во случаи на повреди на уставно загарантираните човекови права и дискриминација;

• Правно советување и стратешко застапување во областа на азилот, миграциите, интеграцијата како и пристапот до лични документи и државјанство и

• Правна поддршка на граѓански организации и неформални иницијативи на граѓани кои не се во можност да обезбедат правна помош од друго место за прашања кои се однесуваат на: внатрешната организација, усогласеноста со законските одредби како и за потребите од спроведувањето на активности и иницијативи каде имаат потреба од правно знаење.