МЗМП го следи развојот на правната смисла и наука на глобално ниво и своите активности ги насочува согласно потребите на општеството. Филозофијата на правото во глобални рамки се менува и од антропоцентрична, каде човекот е во центарот на вниманието и правото е поставено на начин да одговори на неговите потреби, таа станува екоцентрична, каде фокусот повеќе не е на човекот, туку на заштитата на животната средина, каде всушност човекот живее и работи.

 

Зошто е потребна правната заштита на животната средина?

Неспорен факт е дека целокупната активност на човекот е во животната средина. Сепак, активностите на човекот придонесуваат за несакани ефекти и штети по животната средина. Сетоа тоа влијае на квалитетот на нашиот живот, но и на правата кои ги уживаме. Нашите активности за градење хидроцентрали може да го уништат живеалиштетот на одредена група на животни, па дури и да водат кон нивно исчезнување. На тој начин се загрозува биодиверзитетот во нашето општество. Термоцентралите пак, преку горењето на фосилни горива, негативно влијаат на квалитетот на воздухот кој го дишиме. Испуштањето отровни материи во водите негативно влијае на повеќе начини не само на нас како луѓе, туку и на целиот животински и растителен свет. Од сето ова произлегува дека загадената животна средина сериозно негативно влијае на нашето здравје.

Имајќи го предвид ова, но и состојбата и проблемите во врска со животната средина, со кои се соочуваме во нашата држава, неопходна е правна заштита на животната средина, која истовремено би значела и правна заштита на основните човекови права, а тоа се пред се правото на живот и правото на приватност на личниот и семејниот живот и неповредливост на домот.

 

Регулирање на животната средина во меѓународното право

Заштитата на животната средина е од големо значење на меѓународно ниво. Токму поради тоа донесени се голем број меѓународни конвенции кои го регулираат ова прашање, како на пример Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина (Архуска конвенција), Конвенцијата за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Бернска конвенција) итн.

Сепак прашањата поврзани со животната средина, иако директно не се регулирани, сепак имаат влијание и врз други регионални механизми за заштита на човековите права како на пример Европската конвенција за човековите права и Европскиот суд за човековите права. Во своите пресуди, Европскиот суд за човекови права ги разгледува прашањта за животната средина низ можноста за непречено уживање на човековите права регулирани со Конвенцијата и на тој начин воспоставува правни правила и стандарди кои се задолжителни за сите земји членки на Советот на Европа, вклучително и Македонија.

 

Правна регулираност на животната средина во Македонија

Системот за правна заштита на животната средина е комплексен и составен од голем број закони и уште поголем број подзаконски акти. Заштитата на животната средина започнува со Уставот кој ја дефинира животната средина како темелна вредност на нашиот правен систем, но исто така регулира дека секој човек има право на здрава животна средина. Законот за животната средина претставува генерален закон кој ги регулира сите аспекти од животната средина. Дефинирајќи ги начелата на висок степен на заштита, интегрираност, претпазливост, превенција, почисто производство, учество на јавноста и пристапот до информации, но и принципот дека загадувачот плаќа за отстранување на штетата која е нанесена на животната средина како и заштитната клаузула, овој закон има големо значење.

Законот за животната средина првично ги вопоставува обврските за следење и известување за состојбите со животната средина, како и обврските за создавање бази на податоци (како на пример Катастар на загадувачи) кои би можеле да се користат за креирање на политиките.

Секој аспект од животната средина е потоа разработен во посебни закони кои воспоставуваат системи за заштита специфични за конкретниот медиум (вода, воздух, почва итн). Во таа насока имаме голем број на закони како Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, Законот за управување со отпад, Законот за водите, Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на природата, Законот за заштита од бучава во животната средина итн, од кои произлегуваат огромен број подзаконски акти.

 

Активности на МЗМП во насока на правна заштита на животната средина

МЗМП активно ги следи сите состојби со животната средина во целата држава и е посветена на правна заштита на животната средина и на човековите права гледани низ призмата на здравата животна средина. Активностите на МЗМП во оваа сфера се главно во две обласи:

  • стратешко застапување
    • поддржување и водење правни постапки чија цел е системска промена или промена на негативните состојби во општеството
  • истражување
    • изготвување истражувања, анализи, правни мислења за состојбата и недостатоците во однос на заштитата на животната средина и давање соодветни препораки за нивно надминување

 

Досегашни активности на МЗМП:

  • Во Март 2020 година Македонското здружение на млади правници заедно со МАНУ (Македонската Академија на науките и уметностите) и ЦПИА организираа Расправа на тема „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на животна средина“
  • Во јули 2019 година, МЗМП поднесе тужба пред Граѓанскиот суд, со која бара судот да утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје во периодот од 2007 до 2018 година, не презеле ефикасни мерки за намалување на концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ10 честичките во воздухот и како резултат на тоа ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот и семејниот живот и правото на неповредливоста на домот.
  • Во октомври/ноември 2019 година, МЗМП поднесе кривична пријава против носители на јавни функции поради пропуштање, односно неизвршување на дејствија за заштита на животната средина, кои според македонските закони, биле должни да ги спроведат
  • Изготвено правно мислење за правната регулираност на емисиите на штетни материи во воздухот
  • Воспоставена соработка со Client Earth
  • МЗМП стана дел од Архус центарот во Македонија и во идниот период активно ќе обезбедува правна помош за прашања поврзани со животната средина