Човековите права претставуваат основни права и слободи кои му припаѓаат на секое лице во светот, подеднакво, од раѓањето па сè до смртта. Тие се гарантираат, без разлика на тоа од каде едно лице доаѓа, во што верува или како избира да го живее својот живот. Тие никогаш не можат да бидат одземени, а се темелат на заеднички вредности како достоинство, непристрасност, правичност, еднаквост, почит и независност.

Овие права се гарантирани со многубројни национални и меѓународни инструменти. Основните права и слободи, како и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Како највисок правен акт на државата, Уставот дефинира листа на слободи и права, а со ратификуваните меѓународни договори како дел од внатрешниот правен поредок, се дава можноста за вклучување на дополнителни слободи и права кои не се предвидени во Уставот.

Заштитата на слободите и правата се остварува преку гаранциите на основните слободи и права. Основна гаранција која ја предвидува Уставот е можноста за заштита пред судовите и Уставниот суд на РМ во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Останатите гаранции за заштитата на човековите права кои Уставот ги предвидува, вклучуваат и судска заштита на законитоста на поединечните акти и активно запознавање на граѓаните со истите. Покрај овие гаранции, заштитата се остварува по пат на почитување на принципот на владеење на правото (уставност, законитост, јавно објавување на законите, vacatio legis период, забрана за ретроактивно дејство на прописите, како и независна и самостојна адвокатура). Ограничувањето на слободите и правата e единствено дозволено во случаи утврдени со Уставот или за време на воена и вонредна состојба, но и во овој случај само на начин утврден со Уставот.

Покрај заштитата пред судовите, Уставот го воспоставува и Народниот правобранител на РМ како посебен орган кој ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации кои имаат јавни овластувања. Согласно Глава 2 од Уставот на РМ воспоставувена е Постојана анкетна комисија во рамки на Собранието на РМ која има за цел да ги штити слободите и правата на граѓаните.