X.X. против МВР – Студија на случај

Оваа студија го анализира постапувањето на судовите во РМ по поведена постапка од страна на граѓанин кој смета дека му се повредени правото на слобода на движење и правото на еднаквост. Граѓанинот, од ромска етничка припадност, при обид да отпатува на краток престој во соседна Р. Србија во посета на роднини бил спречен од страна на граничните служби на РМ да ја премине границата иако поседувал важечка биометриска патна исправа.

Овој случај укажува на недостатоците на судската заштита на човековите права во РМ.  Единствено тој и неговото семејството од цел автобус биле подложни на дополнителни контроли и единствено ним од сите патници во автобусот им е оневозможено да отпатуваат во Р.Србија. За спречувањето граѓанинот не добил никаков писмен акт. Овде не се работи за изолиран случај, туку за постапување кое се случува повеќе од четири години и е нотирано и од страна на Советот на Европа и од страна на Народниот правобранител на РМ.

Граѓанинот имајќи го во предвид членот 50 став 1 од Уставот на РМ бара заштита од судовите во РМ. Во тужбата образложува дека постапувањето пред се нема основ во ниту еден закон и дека со истото се повредени неговото право на слободно движење и право на еднаквост.

Првостепениот суд носи пресуда со која ја одбива тужбата. Образложувува дека сите превземени дејствија од граничните служби биле во согласност со прописите без притоа да цитира ниту една одредба која овластува спречување на излез од државата поради: „необразложување на причините за патувањето“ , „немање доволно парични средства“, или пак „непоседување на гарантно писмо“. Наместо тоа судот споменува одреден член 5 и Анекс 1 без притоа да прецизира кој е тој пропис. Она што е најзагрижувачки во првостепената пресуда е тоа што истата го содржи неточниот факт дека „РМ е потписничка на Шенгенскиот договор со кој од нашата држава се бара да се преземе обврски за зајакнати гранични проверки“. 

Граѓанинот го искористил редовното правно средство и вложил жалба. Ги истакнал сите слабости и противречности на првостепената пресуда. Во жалбата укажува дека не постои пропис во македонскиот правен систем кој ги овластува граничните служби да спречат излез од државата поради споменатите причини и укажува дека не може да станува збор за примена на туѓ пропис на територија на РМ. 

За жал и покрај жалбените наводи Апелациониот суд ја потврдил првостепена пресуда со користење на идентичен јазик и фразеологија.

Поради ова граѓанинот во овој случај останал без заштита на неговите човекови права во поединечниот случај.

Оваа студија на случај е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД). Содржината е одговорност на Македонското здружение на млади правници и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на САД.