Aжуриран индекс за бездржавјанството во Македонија со краток приказ на македонски јазик

Денес Европската мрежа за бездржавјанство го објави ажурираниот профил од Индексот за бездржавјанството кој се однесува на Македонија кој ги содржи последните информации за новите категории како што се откажување од државјанството, намалување на бездржавјанството и билатерални договори за враќање и реадмисија, како и краток приказ за државата на англиски и македонски јазик, кој ги нагласува препораките упатени до Владата за подобрување на третманот на лицата без државјанство и спречување и  намалување на бездржавјанството.

Профилот на индексот на бездржавјанство во Македонија обезбедува анализа на повеќе од 25 различни категории. Констатирано е дека законот, политиката и праксата  во рамки на  секоја од овие категории се спротивно на неѓународните норми и добри пракси и обележани со јасни и лесно разбирливи индикатори.

 

Ажурирања во однос на индексот за 2019 година

Во 2018 година, Владата се обврза кон јавноста да ги идентификува предизвиците во однос на граѓанската регистрација кои допринесуваат кон ризикот од бездржавјанство во земјата, но ажурираните податоци во индексот укажуваат на многу малку конкретни промени кои се направени, што укажува на потребата од итни реформи.

Како што беше нагласено минатата година во индексот, Република Северна Македонија сеуште нема механизам за да го идентификува или утврди бездржавјанството и нема статус за заштита од бездржавјанство. Иако постои основна заштита во однос на арбитрерно задржување и некои заштитни мерки кои што го спречуваат и намалуваат бездржавјанството,  сеуште постојат значителни празнини кои го спречуваат напредокот на земјата кон усогласување со меѓународните стандарди за заштита на лицата без државјанство и превенција на бездржавјанството.

Особено, пречките во однос на универзалната граѓанска регистрација, како и регистрацијата на раѓања продолжува непропорционално да влијае во однос на малцинските групи, вклучувајќи ги Ромите, Ашкалиите и Египќаните. Во април 2018 година, од страна на Владата беше објавен јавен повик за регистрација на лица кои немаат лични документи, со што се направи обид да се адресира ова прашање, но останаа правните пречки како и пречките во пракса, кои бараат одржливи реформи.

Поим на  индекс за бездржавјанство

Индексот за бездржавјанство е електронска алатка која оценува како земјите во Европа ги заштитуваат лицата без државјанство и што прават за да го намалат и спречат бездржавјанството. Тоа е првата алатка која обезбедува сеопфатна и достапна компаративна анализа во 18 земји во Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Алатката им овозможува на нејзините корисници за кратко време да разберат кои области од правото, политиката и праксата можат да бидат подобрени од страна на државите.

Индексот беше креиран од Европската мрежа за бездржавјанство (ENS) во партнерство со  Македонското здружение на млади правници (МYLA). Тоа е непроценлива алатка за споделување на добри практики и за подигнување на свеста за прашањата кои ги погодуваат лицата без државјанство.