Јавен повик за менторска поддршка на граѓански организации

Македонското здружение на млади правници и Фондацијата за развој на локалната заедница објавуваат јавен повик за менторска поддршка за организациско зајакнување на граѓански организации во следниве три области:

  1. Внатрешна структура и организација,
  2. Застапување (лобирање) и
  3. Изработка и спроведување на проекти.

Заинтересираните граѓански организации ќе можат да побараат поддршка во една, две или во сите предвидени области.  

Менторската поддршка, во зависност од избраните области, може да вклучува:

  • Правна помош за изработка и/или ревизија на внатрешните акти на граѓанските организации (статути, политики, правилници и сл.), остварување на законските обврски кои ги имаат граѓанските организации и управување со правни ризици на кои се изложени граѓанските организации;
  • Обуки, работилници и непосредна менторска помош за подготовка на планови за застапување за промена или донесување на нови прописи, политики или одлуки како и нивно спроведување пред локалните и националните власти;
  • Обуки, работилници и непосредна менторска помош за изработка на проектни апликации и управување со проектен циклус;

Менторската поддршка е наменета за:

  • Здруженија и фондации регистирани согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации,
  • Неформални граѓански иницијативи кои се здружени заради остварување на одредена општествена промена и
  • Синдикати на ниво на гранка или работодавец.

Менторската поддршка ќе биде спроведена во период од шест месеци, почнувајќи од септември 2019 до февруари 2020, врз основа на индивидуализиран план за поддршка на секоја граѓанска организација одделно. Менторската поддршка ќе биде обезбедена од тим на искусни ментори со повеќе од 10 годишно релевантно искуство од работа во граѓанскиот сектор.

Заинтересираните граѓански организации можат да се пријават преку пополнување на образецот за пријавување и негово поднесување најдоцна до 31 јули 2019, 16:30 ч. Изборот на организациите ќе го врши комисија за оценка на пријавите. Вкупно 15 граѓански организации ќе бидат избрани во вториот циклус на менторска поддршка за секоја област посебно. Детални информации за програмата се содржани во Општи услови на програмата.

Дополнителни информации за програмата за менторска поддршка и процесот на пријавување можат да се добијат на следниве контакт податоци: е-пошта: dnofitoska@myla.org.mk, тел. 070/345-747, лице за контакт Душица Нофитоска.  

Менторската поддршка е активност на проектот „Правна помош и поддршка за зајакнување на капацитетите за застапување и одржливост на локални граѓански организации” финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип и Коалицијата Сите за правично судење.

Прилози:

Пријава за менторска поддршка

Општи услови