СООПШТЕНИЕ: ДВЕ ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ СО КОИ СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Македонското здружение на млади правници – МЗМП информира дека Апелациониот суд Скопје на 23.09.2015 година донесе Пресуда со која ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје донесена на 11.04.2014 година и ја одби жалбата на Република Македонија – Министерство за внатрешни работи. Со пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје се утврдува  повреда на правото на еднаквост со недозволување на тужителот да ја премине државната граница на Република Македонија.  

Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност, да ја напушти територијата на Република Македонија, постапувајќи спротивно на Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија.

Основниот суд Скопје II  Скопје на 03.07.2015 година, донесе Пресуда со која се утврдува дека тужениот (правно лице) по основ на виктимизација извршил дискриминација спрема тужителот, кој трпел последици заради преземени активности за заштита од дискриминација во однос на остварувањето на правата од работен однос, со тоа што работодавачот  односно тужениот не му исплаќал плата и не уплаќал придонеси.

Со оваа Пресуда првостепениот суд ја потврдил својата претходна пресуда со која се утврдува сторената дискриминација донесена на 10.04.2014 година, која беше укината од страна на Апелациониот суд Скопје а предметот беше вратен на повторно постапување пред првостепениот суд.

Постапката со поддршка на здружението ја водеше адвокат Бојан Ѓуровски и адвокат Јасна Аранѓеловиќ. Подеталните информации за претходната  пресуда се на следниот линк: