Новиот закон за основно образование е чекор напред во заштитата од дискриминација и насилство во училиштатанасилство во училиштата

Коалицијата Маргини, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат одлуката на Министерсвото за образование и наука и Собраниeто на Република Северна Македонија за носење на нов закон за основно образование, а особено за внесување на одредби за заштита од дискриминација и насилство.

Здруженијата активно се застапуваа во Министерството за образование и наука за внесување на одредби со кои експлицитно се забранува дискриминацијата во основното образование на сите основи, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Законот прецизира дека дискриминацијата е забранета во воспитно-образовниот процес, запишувањето, достапноста до услуги и придобивки, прилагодување и пристапност до и во објекти, вработувањето, кариерното напредување и престанок на вработувањето, ученичкото организирање, содржината на наставните програми и учебниците, управувањето и учеството во органите и телата на училштата, финансирањето на основното образование и која било друга област од основното образование.

Исто така, во законот е вметната одредба со која се предвидува дека учлиштата ќе се грижат за сексуалното и репродуктивното здравје на учениците преку обезбедување информации базирани на научни сознанија, човекови права, родова еднаквост и промовирање на почитување на различностите.

По одржаната јавна расправа во Собранието во врска со новиот предлог Закон за основното образование, пратениците ги пресретнаа барањата на здуженијата и поднесоа амандмани со кои експлицитно се забранија сите облици на насилство во училиштето и се наметна обврска на директорот/ката да го пријави насилството. Новата одредба предвидува и креирање на подзаконски акт со кој подетално ќе се уреди постапката за пријавување на насилството и заштитата на учениците.

Понатаму, Законот предвидува глоба од 401 до 500 евра за прекршок на директорот на основното училиште доколку во основното училиште се врши дискриминација и доколку не пријави насилство, злоупотреба и занемарување на ученик до надлежните органи.

Со овие одредби сметаме дека новиот Закон за основното образование е значително унапреден во однос на заштитата од дискриминација и насилство во основното образование. Апелираме за соодветна примена на овие членови во партнерство со здруженијата на граѓани. Воедно, бараме Министерството за образование и наука да не вклучи во процесот на измена и дополнувања на Законот за средното образование.

31.7.2019
Лицa за контакт:

Драгана Дрндаревска 078/200-675, dragana.coalition@gmail.com 

Светлана Црвенковска, 070/306-121, skjoseva@myla.org.mk