Изјава по повод 10- ти декември, Меѓународен ден на човековите права

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) како водечка организација која долги години работи на заштитата на човековите права и слободи во Република Македонија и се залага за владеењето на правото, со оваа изјава го одбележува денешниот ден – 10ти декември, денот  на заштитата на човековите права.

МЗМП секој ден се соочува со предизвиците и препреките при  спроведувањето на загарантираните човекови права. На денешен ден, Генералното Собрание на Обедидетите нации ја донесе Универзалната декларација за човековите права, а пред 50 години ги усвоиМеѓународниот пакт за заштита  економските, социјалните и културните права и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права.

Денес овие меѓународни акти се составен дел од уставниот поредок на Република Македонија. Граѓанските, културните, економските, политичките и социјалните права на луѓето во светот и овде се доведени на сосема друго ниво, меѓутоа секојдневната борба на граѓаните и државите во светот  за владеењето на правото и заштита на човековите права продолжува.

МЗПМ во својата работа ги штити уставно загарантираните  правана граѓаните и се залага за јакнење на свеста и важноста на почитување на основните човекови права и слободи. МЗМП постојано пружа бесплатна правна помош преку обезбедување на правни советии водење на судски постапки,особено за ранливите и маргинализирани групи, како што се барателите на азил, социјално загрозените, лицата без државјанство, лицата со ментална и телесна попреченост, бремените жени, Ромите.

Во последните две години во рамки на проектите кои здружението ги имплементира, обезбеди над 1000 правни совети, поддржа 40 судски постапки и пружи правна помош на повеќе од 3000 луѓе. МЗМП со својата работа ја остварува  и својата визија на јакнење на капацитетите на младите правници преку обезбедување на професионални обуки во областа на заштита на човековите права и слободи, мотивирајќи ги да станат вистински ентузијасти во оваа област.

Организацијата живее во духот на заштита на човековите права и се стреми придобивките од овој ден да ги претвори во секојдневна реалност.