Згрижувачки семејства како облик за заштита на непридружувани деца мигранти и бегалци

Холандскиот совет за бегалци, во соработка со Македонско здружение на млади правници и Група 484 од Белград,  на 17 и 18 ноември 2016 година одржа обука на тема „Згрижувачки семејства како облик за заштита на непридружувани деца мигранти и бегалци”. Обата дена беа посветени на системот за згрижување на непридружувани и разделени деца во семејства, како и на улогата на старателот во овој процес. 

Интензивната обука започна со општ преглед и споредба помеѓу системите во Р.Македонија и Р.Србија, примањето во семејства, регрутацијата на згрижувачки семејства и проверка на истите. Се обрна особено внимание на сесијата посветена на соодветното спојување на непридружувани деца мигранти и семејството, како и на водењето за време на сместувањето. Обуката заврши со сесии посветени на улогата на културните медијатори (посредници) и мониторирањето на сместувањето.

На оваа обука присутствуваше г-ѓа Катерина Савовска од Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје. Во своето исцрпно обраќање таа истакна дека во РМ се регистрирани околу 180 згрижувачки семејства и во моментот згрижени се околу 280 деца (од Р.Македонија) без родители или родителска грижа, кои поминуваат посебна постапка за регистрација на згрижувачко семејство кое ги обезбедува услугите согласно законот.

15101863_10154853746886042_1818421760_o

Постапката се состои од четири фази, кои опфаќаат прелиминарни разговори со тим од социјални работници, обуки, регистрација на семејството и соодветно сертифицирање.

Што се однесува на непридружуваните или разделени деца мигранти, Савовска вели дека до овој момент, преку ЦСР не е извршено упатување на малолетници без придружба до згрижувачките семејства. Како причина ја посочи најпрво јазичната бариера, со тоа што е речиси невозможно да се ангажира преведувач достапен 24 часа; потоа, згрижувачките семејства не ги задоволуваат потребите на децата мигранти од причини поврзани со локалната култура, условите во домовите, традицијата, обичаите и слично. Конечно, во овој момент не постои воспоставена програма за обука на згрижувачки семејства која би се однесувала конкретно на грижата на децата мигранти.

Во однос на сместувањето, Савевска назначи дека старателите на децата постапуваат по интервентни процедури и прават напори да ги поврзуват децата со нивните матични семејства. Од причина што овие процедури во пракса траат подолго, се идентификува потребата за сместување на овие деца во згрижувачки семејства.  

Алтернатива за згрижување на децата се простории за сместување ранливи категории лица, одредени од страна на МТСП, каде што вообичаенио се сместуваат и баратели на азил од ранлива категорија, како на пример бремени жени, мајки, самохрани родители, итн.  Во овие објекти згрижените лица кои се веќе таму имаат улога да ја заменат улогата на семејството на детето. Од овие причини децата се згрижуваат врз основа на земјата на потекло и јазикот кој го зборуваат и разбираат.

Во случај ниту еден од наведените облици за заштита на детето да не соодветствува со потребите на детето, тогаш се применуваат други облици за заштита, односно се користат ресурси како на пример Домот за згрижување на деца без родители.