Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
Add a heading

Меѓународен ден на човековите права: Успешна приказна за правото на здравствена заштита

Add a heading

На 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права, сакаме да ја нагласиме важноста на човековите права, особено правото на здравствена заштита како основно човеково право без кое не е возможно уживање на  останатите човекови права.

Здравствената заштита е загарантирана со Уставот на Република Македонија, а правото на граѓаните да го чуваат своето здравје е должност, а не само право.

Секој има право да се лекува, вклучувајќи и правото на лекување во странство, доколку заболувањето не може да се лечи во земјата, што е предвидено во член 30 од Законот за здравствено осигурување.

Македонското здружение на млади правници како организација насочена кон заштита на човековите права и владеење на правото, овој ден го одбележува со издвојување на позитивна приказна во која помогнавме лицето О.Д да го оствари правото на лекување  во странство.

Станува збор за случајот на О.Д. против Фондот на РСМ, каде ова лице се  соочуваше со правни препреки и предизвици при обидот да го оствари своето право на лекување во странство. Иако постапката траеше повеќе од три години, благодарение на нашата правна поддршка за целокупниот период додека траеше постапката,  О.Д. успеа да ги помине правните лавиринти и да го добие позитивно решение.

Иако процесот беше долг и непотребно одолговлекуван, оваа победа ја сметаме за значаен успех за заштита на човековите права. Без нашата помош, О.Д. немаше да може да го оствари своето право, а правната поддршка која ја доби, беше клучна за успешниот исход за остварување на правото да се лекува во странство.

Правото на здравје – основно човеково право, но со бариери и предизвици во реалноста

Универзалната декларација за човекови права и Уставот на РСМ јасно ја нагласуваат важноста на правото на здравје како основно човеково право. Секое лице има право на пристап до највисок достапен стандард на здравје, што овозможува живот со достоинство. Здравствената заштита е загарантирана со Уставот на РСМ, а правото на граѓаните да го чуваат своето здравје е должност, а не само право. Но, дали ова право се почитува во пракса?

За некои граѓани, како Орце Димитров од Кратово, правото да се лекува во странство поради неможност оваа болес да се лекува во Македонија премина во правна и институционална битка што траеше повеќе од три години. Ова е неговата приказна.

Орце Димитров – Правната битка за лекување во странство

Орце боледува од Паркинсова болест, која е дијагностицирана уште во 2004 година. Во Македонија, оваа болест се лекува само со таблетарна терапија, која не дава значителни резултати. По значително влошување на неговата здравствена состојба, Орце бара начин за соодветно лекување во странство со метода „deep brain stimulation’’ (DBS) која не се применува во нашата држава.

Согласно Законот за здравствено осигурување секој има право да се лекува, вклучувајќи и лекување во странство ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката.

Во 2021 година, Орце поднел барање до Фондот за здравствено осигурување за лекување во странство, со медицинска документација и Предлог за упатување за лекување во странство од Универзитетска клиника за неврологија да се лекува со метода deep brain stimulation. Фондот го оздбива барањето со образложение дека Орце со предлогот се испраќа во странство на дијагностичка процедура, наведувајќи дека оваа процедура не спаѓа во трошоци кои ги покрива Фондот.

Орце се обрати до Македонското здружение на млади правници за правна помош од тогаш почнува институционалната битка за да може да го оствари правото да се лекува во странство. Постапката продолжила со поднесување жалба, а потоа и тужба до Управен суд на РСМ, кој донесе позитивна пресуда и го врати предметот на повторно одлучување со конкретни насоки Повторената постапка повторно заврши со идентичен исход, односно со негативно решение идентично на претходното. Надлежните органи ниту одлучија во законски предвидените рокови и рокот наведен во пресудата, ниту ги почитуваа упатствата и насоките дадени од страна на Управниот суд во пресудата.

Повторно се поднесе тужба до Управниот суд на РСМ, кој повторно донесе позитивна пресуда ги поништи решенијата и го задолжи директорот на Фондот за здравствено осигурување на РСМ во рок од 15 дена да донесе нов Управен акт. Во пресудата судот утврдил и дека надлежните органи повторно не постапиле согласно напатствијата дадени во претходната пресуда.

Во меѓувреме дијагностичката процедура да не биде пречка за одлучување по барањето Орце замина во Универзитетскиот центар во Љубљана каде на свој трошок ја направи таа процедура при што се утврди дека Орце е подобен да се лекува со deep brain stimulation. Овој доказ беше доставен до Фондот за да го има во предвид при повторното одлучување. Овој пат Фондот и по трети пат донесе негативно решение со тоа што сега образложението е дека Предлогот за упатување за лекување во странство е со измината важност и не може да се донесе решение по основ на истиот.

Интересен беше фактот што во претходните две негативни решенија што ги донесе Фондот предлогот за упатување на лекување во странство и не беше ценет како доказ дека е предлог за лекување, туку дека е прдлог за дјагностичка процедура.

Откако Орце ја направи дијагностичката процедура, Фондот реши во последното негативно решение да го цени Предлогот за лекување во странство но и дека истиот е со измината важност. Со ваквото постапување од страна на Фондот кој после три години правна битка и после две позитивни пресуди од страна на Управниот суд на РСМ, Орце беше ставен во нечовечки услови за живеење имајќи во предвид дека неговата здравствена состојба постојано се влошуваше и прогресираше до степен да биде и во инвалидска количка и да не може самостојно да ги задоволува основните животни потреби.

Орце повторно направи и достави Нов предлог за лекување во странство за да може да продолжи со постапката и надлежните органи да одлучат по неговото барање.

Проблеми во системот: Неспроведување на судските одлуки и правна неефикасност

Овој случај ја илустрира неефикасноста и долготрајноста на процедурите за остварување права од здравствената заштита за лекување во странство, без да се има во предвид здравствената состојба на лицето. Во овој случај може да се воочат и неефикасноста на механизмите за правна заштита. Непочитувањето на наскоите од Управниот суд, што го констатира и самиот суд во пресудите, е спротивно на Законот за управните спорови, но и начелата на законитост, еднаквост, непристрасност и објетивност, сервисна ориентација на јавните органи и економичност и ефиасност на постапата, регулирани со Законот за општата управна постапка.

На Орце можеше да му се овозможи да се лекува во странство уште во 2021 година. неефикасноста на надлежните органи и долготрајноста на постапката резултираше со влошување на здравствената состојба на Орце до степен да биде во инвалидска количка, со одземен говор и без да може да ги задоволува основните животни потреби за целокупниот период додека траеше постапката за одобрување за лекување во странство.

Позитивно решение после поминати 3,5 години

По поминати повеќе од 3,5 години низ правните лавиринти, Орце доби поизитвно решение и замина на лекување во Истанбул, Турција за да се лекува со метода DBS. Сега, Орце се надева на подобрување на неговата здравствена состојба, но се поставува прашањето – зошто ова право не беше реализирано многу порано, кога бea исполнети сите услови и зошто се дозволи здравствената состојба на Орце дополнително да се влоши и да прогерсира?

Орце целокупниот правен лавиринт во тие 3,5 години немаше да успее да го помине сам, без соодветни правни насоки, информации и правна поддршка која ја доби од страна на Македонското здружение на млади правници. Потребата од обезбедување правна помош на оваа категорија на лица е од особено значење за да не се откажат од борбата за подобрување на своето здравје. Благодарение и на упорноста и издржливоста на Орце заеднички успеавме да заштитиме едно основно човеково право, а тоа е правото на здравје

Потреба од реформи и поефикасно постапување

Овој случај ја нагласува потребата од реформи во здравствениот и правниот систем за да се обезбеди правичен и навремен пристап до здравствена заштита, особено за лица со сериозни здравствени состојби. Важно е да се овозможи правото на лекување во странство да не се одложува со години, а системот да функционира поефикасно за да ги заштити основните човекови права на сите граѓани.

Со гордост ја истакнуваме оваа победа како потврда на важноста на правната помош во обезбедувањето на заштита на основните човекови права.

Здравјето е право, а не привилегија. Нека овој ден и овој случај ни бидат потсетник за важноста на почитувањето на човековите права и обезбедувањето навремена и ефикасна правна помош за сите кои се соочуваат со правни бариери на патот кон остварување на своите права.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.